Лука Романели, италијански гитарист

Лука Романели, класичен гитарист од Италија, кој лани беше добитник на првата награда на меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, годинава ќе одржи самостоен концерт на фестивалот. Тоа е првиот од серијата концерти во рамките на 13. фестивал на класична гитара „Тремоло“, кој е закажан за 4 јуни, во „Даутпашиниот амам“, во 19.30 часот.
Лука Романели е класичен гитарист од Италија, кој започнува да студира класична гитара на единаесетгодишна возраст. Потоа се запишува на студии на Конзерваториумот. Во овие повеќе од десет години слуша сè, музика и совети, ја искажува својата љубопитност за сите видови информации. Благодарен му е на својот учител М. Пјетро Антинори, кој е жив пример за професионализам, како и на родителите за поддршката што му ја даваат секојдневно. Присуствувал на голем број мастеркласови и напредни курсеви што ги одржуваат мајсторите на гитара. Потоа патува во Австрија и во Германија, каде што ги продолжува студиите, и тоа му дава можност да запознае некои од најважните класични гитаристи на светот. По учеството на „Тремоло“ лани, освои и награди на натпревари во Шпанија и во Русија.

Започнавте да студирате класична гитара на единаесетгодишна возраст. Колку е важно да се има добра основа?
– Почнав во моето основно училиште, во класот по музика. Потоа се запишав на студии на Конзерваториумот. Во овие повеќе од десет години слушав сè, музика и совети, ја искажував мојата љубопитност за сите видови информации. Благодарен сум му на мојот учител М. Пјетро Антинори, кој е жив пример за професионализам, како и на татко ми и мајка ми, за поддршката што ми ја даваат секојдневно. Доста доцна започнав да учествувам на мастеркласови, откако дипломирав. Потоа патував во Австрија и во Германија, каде што ги продолжив студиите, и тоа ми даде можност да запознаам некои од најважните класични гитаристи на светот. Лично, секој од нив ми дал по нешто, некоја финеса или совет, пример што можам да го следам или не. Верувам дека најважната лекција е да останеш свој. Еден млад студент може да го изгуби својот музички идентитет по толку многу мастеркласови, но еден млад музичар мора да одлучи во одреден момент и да преземе одговорност, да почне да одлучува сам. Тогаш, сите тие искуства би можеле да му послужат како фундамент, во иднина.
Минатата година ја освоивте првата награда на гитарскиот фестивал „Тремоло“ во Скопје. Дали сте возбудени за концертот што наскоро ќе го одржите во Скопје?
– Секако, возбуден сум затоа што ова ќе биде мое прво патување во Скопје и во Македонија. Одењето на фестивал е како патување на надградба, особено кога одите надвор од вашата земја. Добивате поттик и нови идеи, споделувате мислења, дискутирате. Навистина беше штета што лани живеевме само на екран, па не успеав да дојдам во Скопје.

Што ви значеше признанието, дали во меѓувреме ви помогна на некаков начин во вашата музичка кариера?
– Беше одлична можност да се учествува на ваков значаен фестивал. На местата во кои потоа свирев се обидов да ја доближам до публиката музиката на современи композитори од Балканот. Таков се Реди Марку од Албанија и Димитрис Фампас од Грција, чија 100-годишнината од раѓањето се одбележува годинава. Со изведба на неговата музика штотуку победив на натпреварот во Атина, кој му беше посветен нему, и ќе ми биде задоволство да ја донесам неговата музика и на фестивалот во Скопје.

Пред пандемијата имавте интензивна концертна активност како солист. Но дали имавте можности за настап во последните две години, дали свиревте во живо?
– Дефинитивно да. Победата на натпреварот „Тремоло“ и учеството на Гитарскиот фестивал во Брно минатиот август за мене беа како своевиден рестарт. Откако почнав да свирам повторно во живо, имав настапи во Италија, неколкупати во Шпанија, а неодамна учествував и на концертот посветен на шпанскиот композитор Ангел Гонзалес Пинеро, уште еден од композиторите чија музика ќе ја изведувам на концертот во Скопје. Тој, за жал, почина во февруари. Во март настапив во „Театро реал“ во Мадрид. На овој концерт свирев како солист, со сопран, танчар, гудачки квартет и симфониски оркестар. Незаборавно искуство!

Кои се вашите идни планови? Што е следно на професионален план?
– Всушност, јас сум навистина полн со идеи и остварувам многу средби. Организирам концерти за промовирање на музиката на Пинеро низ Италија. Соработувам со италијанските театри. Учествувам на натпревари, а летово ќе имам концертна турнеја во Грција, Италија, Шпанија и во Чешка. Активно учествувам на натпревари, фестивали и концерти. Многу сум среќен што ќе се посветам на овие концерти во живо.