Фото: Дом на култура „Иван Мазов Климе“

На сцената на кавадаречкиот театар при домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци синоќа беше изведена премиерата на претставата „Шекспир во приказни“ работена според дијалозите од најголемите трагедии на Вилијам Шекспир, „Ромео и Јулија“, „Хамлет“ и „ Магбет“ во адаптација и режија на Микица Илова.

Најпознатите ликови од драмите на Шекспир ги толкуваа младите актери : Александар Стојков, Саше Орешков, Ерелена Гостимировиќ, Ристе Стојанов, Јована Секуловска, Ивана Секуловска, Елена Илова, Јован Илов, Мартина Илиевска, Цветанка Ристовска и Марија Вчкова. Премиерното издание на овој амбициозен театарски проект синоќа имаше привилегија да го проследи малубројната публика која беше на сцената непосредно до актерите, а веќе за вечерва е закажано првото репризно издание.
Во своето обраќање пред почетокот на претставата режисерката Микица Илова најави дека станува збор за претстава за љубовта, тагата, радоста, гневот, љубомората, одмаздата и болната амбиција за власта како и борбата на човекот против неправдата, лицемерието, моралното пропаѓање и болната амбиција за власт која главните ликови ги носи во психолошки распад. Оваа ненаситност за власт која постојано расте подеднакво кореспондира со денешното време иако Шекспир овие трагедии ги пишувал пред цели четири века.
Тоа што им се случува на главните ликови во претставата, нивната преголема амбиција, за власт, моќ, забранета љубов и одмазда ги носи во пропаст. Кога би направиле паралела со современиот живот каде што личниот интерес е над се останато и каде што желбата за брз напредок за да се стигнедо целта на некој начин е еквивалент на борбата за престолот каде целта ги оправдува средствата.

– Со адаптацијата на текстовите на Шекспир сакав на сцената да ја покажеме кошмарната состојба на духот на модерното живеење и современото општество која е препознатлива во неговите драми. Уште од самиот почеток им посочував на актерите дека ова е драма на состојби, емоции и измешани чуства. Како и сите шекспирови вонвременски трагедии овие актуелни теми не потсетуваат до каде сме стигнале како цивилизација, како општество и како единки. Сите дела споени носат своја приказна која го претставува всушност човечкиот живот и дека љубовта како основен двигател низ животот може да биде негативна и позитивна емоција зависно колку е дозирана – вели режисерката на претставата Микица Илова.