На средба меѓу директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, и ректорот на факултетот на „Еуропа прима“ – Скопје, Александар Трајковски, се потпиша меморандум за соработка меѓу двете институции. Во согласност со изразената желба на двете институции за развивање партнерски односи, дефинирање конкретни програмски активности, како и подобра соработка во областа на културата, се овозможува учеството на студентите од универзитетот (како дел од нивната практична работа) за време на студиите во тековните проекти во МНТ.
Користење на просторниот капацитет на МНТ за подготовка и одржување магистерски и дипломски испити, следење на претставите од тековниот репертоар на МНТ, од страна на студентите на Универзитетот, без финансиски надомест, како и користење на просторните и технички ресурси на универзитетот за потребите на МНТ. Двете институции со овој меморандум поставуваат основа за долготрајно партнерство и го препознаваат значењето на размената, едукацијата и промоцијата на младите таленти, како основа за понатамошен развој на културата и уметноста во државата.
Во согласност со меморандумот за соработка, на 6 февруари, со почеток во 19 часот, на малата сцена, се одигра претставата „Еволуцијата на распадот“ по „Отело“ на В. Шекспир во класата по актерска игра и театарска режија на проф. Дејан Пројковски. Режисер на претставата е Дамјан Димовски, а како композитор се потпишува Дарко Спировски.
Во „Еволуцијата на распадот“ играат: Илин Јовановски – Јаго, Тодор Стојковски – Касио, Бранко Михајлоски – Отело, Ѓорѓе Нешковиќ – Родриго, Леонида Гулевска – Дездемона и Илина Чонкова – Емилија.