Фото: СВП

Во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, во седиштето на „Струшките вечери на поезијата“, вчера била откриена биста на Томас Транстромер, добитникот на „Златниот венец“ во 2003 година.

Националната установа Струшки вечери на поезијата денеска информира дека автор на делото е академскиот вајар Сокол Цфарку, а е донација од македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.

Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер, според директорот на СВП, Тодорче Тасевски, е мостот што ги зближува двете култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот.

– Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Томас Транстромер – истакнал Тасевески.

На настанот, како што е наведено, биле прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а меѓу присутните биле гости од Шведска, под водство на Антонијо Трпeвски и покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп. Присуствувал и Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски.

Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на „Златниот венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.