На последната вечер од изложбата на дела на реномираниот македонски сликар Владимир Георгиевски, во Музејот на градот Скопје, на 1 февруари, во 20 часот, ќе настапи Ана Кондратенко, концерт-мајстор и солистка во оркестарот на македонската филхармонија, како и на оркестарот „Фејмс“ во Скопје.
– Уживајте во уште една, последна засега, средба со сликите на Георгиевски, како и во исклучително музичко доживување – велат во поканата од Музејот на градот Скопје.
Владимир Георгиевски (1942 – 2017) е еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници. Студирал сликарство на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што завршил и постдипломски студии во класата на професор Младен Србиновиќ, во 1970 година. Покрај активното творење, меѓу 1980 и 2017 работел и како професор по сликарство, пластично обликување, историја на уметност, сценографија и костимографија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и на интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата во 2013 година, награда за животно дело од „Остен“ во 2014-та и на титулата доктор хонорис кауза во 2017-та од интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Владимир Георгиевски исто така создал наградувани сценографски и костимографски решенија за голем број театарски претстави и неколку играни филмови во Македонија и во земјите на поранешна Југославија. Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петербург. Како член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија учествувал и во многу групни изложби.