Во Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Портрет на Кралот Алкохол“ на младата талентирана фотографка и уметница Соња Ставрова. Станува збор за документарен фотопроект што вклучува визуелна изложба на фотографии и инсталации и го прикажува социјалниот живот во селата од Тиквешкиот Регион. Оваа изложба е продолжение на проектот „Кралот Алкохол“ во чиј во фокус беше градот Кавадарци.
Изложбата ја истражува кооперацијата (селската продавница), преку која се прикажуваат социјалната функција и културниот идентитет на пиењето алкохол. Кооперацијата е клучна точка за испитување на афирмативните перцепции на животните стилови поврзани со пиењето како секојдневна практика, портретирање на другарството, ергените и осаменоста, на место каде што се делат среќа и тага.
Соња Ставрова живее во Скопје и е магистрирана фотографка на Катедрата по фотографија на интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје. Дипломирала на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Нејзините фотографии биле дел од повеќе групни изложби во Скопје, Загреб, Единбург, Дортмунд, Ровињ, Кавадарци…