Полека се ближиме кон големото финале, односно заокружувањето на овој, есенски дел од приказната наречена „Македонијо во срце те носиме“ и последниот концерт во Скопје. А до Скопје следуваат уште два од предвидените вкупно осум концерти, во исто толку македонски градови. Така, по Штип, Битола, Велес, Прилеп и Кочани караванот „Македонијо во срце те носиме“ утревечер, 4 октомври, патува кон Тетово, соопштија од продукцијата.
Концертот е закажан со почеток во 20 часот, а ќе се одржи на Градскиот плоштад. На репертоарот и во градот под Шара ќе се најдат сите 12 песни од проектот, а „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“… и овој пат ќе бидат отпеани од златните грла на Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе Алабаковски и Миле Кузмановски.
„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на „Скендеровски“ продукција, а сите 12 родољубиви песни во ново руво ги спакува маестро Николче Мицевски. Проектот има за цел да им се продолжи векот на песните и да се испрати порака особено до младите генерации дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното – нашата земја и нејзиното наследство.
Затоа дојдете заедно да пееме и да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и се разбира, да го зачуваме највредното – музичкиот аманет што ни го оставиле генерациите пред нас.