Во Кинотеката во Скопје на 24, 25, 27 и 28 ноември ќе се одржи ретроспектива на филмски остварувања на продукцијата „Петра Пан“. На филмската програма се седум остварувања со различни содржини и нијанси на документарниот жанр. Ретроспективата се одржува во рамките на проектот „Месец на европски филм“, кој се реализира од мрежата на кина „Еуропа синемас“ и има цел во 70 различни европски градови преку различни европски филмови да презентира специјални програми, настани и филмски ретроспективи.

Ретроспективата на продукцијата „Петра Пан“ ќе биде отворена денеска, во 18 часот, со проекција на документарниот филм „Бабичките на револуцијата“ (документарен филм, Словенија / Куба, 2006), по сценарио на Бранд Ферро и Петра Селишкар, во режија на Петра Селишкар. Филмот претставува интимна приказна за една двојка и нејзините семејства, кои имале слична судбина во периодот на Втората светска војна. Тоа ги натерало Петра Селишкар и Бранд Ферро да го направат овој документарен филм, кој ги однесе во Словенија, Македонија и Куба, од каде што потекнуваат нивните баби и дедовци. Истата вечер, во терминот од 20 часот, ќе следува проекција на филмот „Тело“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2023), трогателна долгометражна приказна на режисерката Петра Селишкар што опфаќа две децении од чудесниот живот на Уршка Ристиќ, блиска пријателка на режисерката Селишкар, додека се бори со ретки автоимуни болести.
На 25 ноември (сабота), во 18 часот, ќе биде прикажан филмот „Се прашувам кога ќе ти недостигам“ (игран филм, Италија / Словенија, 2019), во режија на Франческо Феи, по сценарио на Кјара Барзини, Франческо Феи, Лука Инфаскели. Станува збор за драмедија, бајка што се занимава со тинејџерската нелагодност, важноста на волјата и моќта на сонот. Во терминот од 20 часот, на 25 ноември, ќе биде прикажан музичкиот документарец „Мојот превртен свет“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2016), по сценарио и режија на Петра Селишкар. Филмот ја раскажува животната приказна на еден сестран словенечки уметник со сериозно оштетување на мозокот, наречено разум.

Ретроспективата ќе продолжи на 27 ноември (понеделник), во 20 часот, со проекција на филмот „Денови на лудило“ (документарен филм, Хрватска / Словенија, 2018), по сценарио и режија на Дамиан Ненадиќ. Приказната нè води низ деинституционализацијата и социјализацијата на ментално болните лица. Последната вечер на ретроспективата, на 28 ноември, е посветена на бендот и пријателите на култниот скопски состав „Бернајс пропаганда“ и ќе донесе две филмски остварувања. Во терминот од 18 часот е проекцијата на „Мама Европа“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2013), по сценарио на Петра Селишкар и Терра Ферро Селишкар, во режија на Петра Селишкар. „Мама Европа“ е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Терра. Во 20 часот ќе биде прикажан музичкиот документарец „Ако никој не свири“ (документарен филм, Македонија, 2010 г.), по сценарио и режија на Ѓорѓи Јаневски, кој ќе биде присутен на проекцијата и ќе одговара на прашањата од публиката. Филмот одблиску ги следи почетоците на бендот „Бернајс пропаганда“.

В.Д.