Романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е новата книга на Дијана Петрова, промовирана деновиве.
– Во 19 век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно. Неколку жени перачки, кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки, кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки што наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата, која неколку века ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело што им пркоси на времето и на заборавот… Живеењето и дејствувањето во сенка излегуваат на светлина кога се дознава за тајното женско училиште – Ученољубие – ова е накратко содржината на романот.
Дијана Петрова дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е нејзина трета објавена книга.