Самостојна изложба на Елизабета Костова

„Градски импресии“ е насловена самостојната изложба на акварели на Елизабета Костова што ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во културниот центар „Јадро“. Авторката целиот свој работен век го поминала и работела како психолог, но отсекогаш била голема вљубеничка во уметноста, а особено во сликарството.
– Акварелот како сликарска техника со големата палета на бои Елизабета успешно го применува. Боите на нејзините акварели нежно преминуваат од една во друга боја од сина во виолетова, црвена, од зелена во сина, жолта. Со четките и боите слика сѐ што ја опкружува, градини, цвеќиња, мртва природа, ликови на девојки, пејзажи, птици – се вели во најавата.
На оваа изложба таа се претставува со триесетина акварели насликани последните две години, кои претставуваат нејзини импресии и впечатоци од градовите во кои престојувала, ги посетила или живеела. Голема инспирација ѝ се старите македонски градови или делови од нив.
– Тесни улички, ниски куќи на приземје и кат, тесно збиени една до друга и со надвиснати еркери над улиците. Оџаци од кои се извива сивиот дим. Насликани се со прекрасни палети од бои, сина, зелена, лилава, жолта… црвени покриви и секако пространото сино небо над нив, кое се гледа и од уличките. И овде белите полиња на подлогата помеѓу топлите бои даваат посебна светлина. Од овие акварели зрачат и светлина и радост. Можеби оваа тема што ја слика Елизабета претставува носталгија за старите делови од градовите како што ги паметиме, а во едно од тие маала Елизабета ги поминала детството и младоста, Дебар Маало во Скопје.

Можеби ова е и жал и носталгија за старите градски маала што полека исчезнуваат и ги заменуваат модерни делови од градот со висококатници, асфалтирани улици, многу возила, темни и мрачни, сонцето одвај допира до улицата – вели Натка Ќосева за делата.
Според Васко Ѓоргиев, акварелните решенија на Елизабета Костова претставуваат витални и флуидни репрезентации што осцилираат помеѓу реалното и фантастичното.
– Низ оваа прошетка во урбаната средина формирана од колоритни фрагменти си спомнуваме за периоди од нашето животно патешествие. Тоа се впечатоци што не водат низ енигмата на сеќавањата, нивната веродостојност, одржливост и променливост предизвикани од временските интервали на субјективното поимање – вели тој.
Eлизабета Костова дипломирала на Филозофскиот Факултет во Љубљана, отсек психологија. Реализирала повеќе самостојни изложби во Домот на АРМ, Скопје (1989 и 1991 г.), Галеријата на ДЛУМ, Скопје (2002 г.), во домот на култура Иван Мазов-Климе, Кавадарци (2020 г.), како и во галерија „КО-РА“, Скопје (2019, 2020 и 2023 г.) Исто така учествувала и на повеќе групни изложби. В.Д.