Денови на поезијата

Поезијата е производ на духот за „широка потрошувачка“, изјави познатиот македонски актер Никола Ристановски отворајќи ги „Деновите на поезијата“ во „Скопје сити мол“, прв настан од ваков вид во нашиот регион и пошироко, кој во импозантен поетски декор започна токму на Светскиот ден на поезијата, 21 март.
– Ова скопско сврталиште во кое денес сме заедно, ова место на секојдневни средби и дружби, кое обично ни нуди стока што ги задоволува нашите елементарни желби и потреби, од леб до алишта, од вода до покуќнина, денес станува место за средба и дружба со поезијата. Нè потсетува колку сме всушност желни за поезија, колку таа претставува човечка потреба – подвлече првенецот на Македонскиот народен театар.
Низ неговиот глас заживеаја незаборавните стихови на нашите врвни мајстори на лирскиот збор за кои годинава одбележуваме значајни јубилеи: 85 години од објавувањето „Бели мугри“ од Кочо Рацин и 80 години по „Песни“ од Ацо Шопов – првата книга на македонски јазик во слободна Македонија.
Во рамките на манифестацијата им беше оддадена почит на Гане Тодоровски и Матеја Матевски, родени пред 95 години, на Петре М. Андреевски, роден пред 90 години, и на Влада Урошевиќ, кој годинава во октомври ќе го прослави својот деведесетти роденден. Тој лично читаше своја поезија, откако нè потсети дека поетот не смее да се затвори во својата „кула од слонова коска“, односно дека поезијата не смее да остане затворена во строг елитистички круг, па затоа ваквите настани што ѝ се обраќаат на најшироката публика се повеќе од добредојдени.