Што ќе се случува со СДСМ по изборите?

Ќе се урамнотежи ли повторно македонската политичка сцена по престојните претседателски и парламентарни избори? Сите предизборни анкети укажуваат на победа на стожерната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ на априлските и мајските избори, на влез на нови сили во Собранието, како и на изострена битка во блокот на етнички албански партии. Меѓутоа, кога правта ќе се сталожи, веројатно најзначаен политички развој во 2024 година ќе биде урушувањето или, поточно, самоуништувањето на СДСМ.
Одамна дискутиравме дека оваа партија се соочува со егзистенцијални проблеми и дека тоа е буквално најчудниот развој на настаните во современата политичка историја на Македонија. Кон крајот на 1980-тите, кога веќе беше јасно дека и Македонија ќе ја зафати бранот на промените во целиот реалсоцијалистички блок, во Скопје демократските реформи не ги водеше некаква организирана (или неорганизирана) антисистемска опозиција. Такво нешто не ни постоеше во тогашна Македонија. Имајќи предвид дека земјата претходно немала свој самостоен развој, не постоеше ни сеќавање на некои организирани политички сили од времето на некакваси демократија. Кај нас реформскиот процес произлезе од динамиката во македонското партиско и државно раководство, кое се одлучи да ја стави земјата на патеката на демократизацијата. Веројатно еден од клучните настани за Македонија е годишната конференција на Сојузот на комунистите, одржана во април 1990 година. Тогаш единствената партија донесува четири клучни одлуки за своето натамошно дејствување. Првата одлука се однесува на прекинатиот 14-ти конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија и тука СКМ конечно пресекува дека за нив конгресот е завршен и дека македонските делегати нема да учествуваат во иницијативи за негово продолжување (оваа одлука е еден од меѓниците на македонскиот пат кон суверенитетот и подоцна кон независноста). Втората одлука е за преименување на партијата од Сојуз на комунисти во Сојуз на комунисти – партија за демократска преобразба, со што се испраќа порака дека СКМ во иднина ќе биде само една од политичките сили во земјата. Третата одлука е јасното укажување дека СР Македонија ќе оди кон воведување демократија, плурализам и пазарно стопанство. А, последната одлука е повик на дотогаш единствената легална партија кон новонастанатите политички сили и тие што се во настанување да се придружат кон наведените државни цели на Македонија.

Сепак, СКМ-ПДП ќе има значителна предност пред другите политички сили. Целокупната елита на СР Македонија го поминала партискиот филтер за нејзин влез во номенклатурата, напредување и кооптација. Исто така, тие се единствена организирана политичка сила, а ослободувањето од ригидната идеологија тогаш ним им дава можност да се развиваат во која било политичка насока (тие ја избираат социјалдемократската). Имајќи предвид дека партијата се потпирала на професионалци од сите области што раководеле со државата, стопанството и културата, всушност „средниот слој“ на СКМ (СКМ-ПДП и подоцна СДСМ) најдобро го отсликува конзервативизмот на македонската социјалистичка средна класа. За оваа партија тогаш е потребно само да го најде совршеното место во политиката, каде што, од една страна, ќе биде „центар-лево“ во делот на економијата и „центар-десно“ во делот на културата, односно залагање за социјално пазарно стопанство, силни државни системи во образованието, здравството, енергетиката и другите општествени услуги и добра, како и еден дискретен, но силен патриотизам. На тој начин, таа партија само ќе требаше да внимава при својата обнова будно да го следи целото општество и во своето раководство да го кооптира сиот политички талент што ќе се прикаже во јавноста, како и да се обновува според промените во националните, европските и глобалните текови.
Наместо тоа, партијата што не смееше да си дозволи да изгуби ниту едни избори во Македонија, ги изгуби безмалку сите соочувања со гласачите. Што се случи?
Најголем удар за СДСМ беше криминалната приватизација од 1990-тите. Веројатно е лесно сега да се зборува, со безмалку дводецениска историска дистанца, и да се држат лекции, но економскиот и социјалниот пустош оставен по приватизацијата придонесе македонскиот граѓанин да престане да верува дека СДСМ има одговорност кон неговиот живот, кон благосостојбата на неговото семејство и кон развојот на неговата локална заедница. Се чинеше дека беа разбудени најгрозните егоистични нагони кај поединците и дека државата се откажа од нејзината основна улога да воведе некаков ред и правила во хаосот. Како производ на оваа ера, СДСМ се видоизмени и идеолошки, па наместо партија што економски игра „центар-лево“, односно социјалдемократски, тие станаа знаменосци на соголениот неолиберализам во Македонија. Клатното на приватизацијата во Македонија, за жал, навлезе и во секторите што се природни монополи или државни блага, а иако и двете стожерни партии имаат своја вина за ова слабеење на македонската држава, сепак владите на СДСМ предничеле во процесите на отуѓување на јавните добра и услуги. До ден-денес оваа партија не успеа да го симне товарот на тачеризмот и да се обиде да се врати кон прокламираната социјалдемократија.

По воениот конфликт од 2001 година, СДСМ претрпе уште една преобразба, па тие и во културата се придвижија во спротивна насока. Европска интеграција, како политички проект, нудеше можност за идеолошка обнова или ребрендирање на партијата, но тоа можеше да се направи и со вткаена македонска приказна. Наместо тоа, СДСМ одлучи да му го препушти македонскиот патриотизам целосно на ВМРО-ДПМНЕ дотаму што Зоран Заев дури и јавно кажа дека „нам патриотизмот не ни личи“. Не постои политичка партија што може да се откаже од патриотизмот и притоа да добива гласови. Сентиментот на граѓаните кон сопствената држава може да варира, од дискретни форми што даваат некоја национална боја, па до токсичните форми на шовинизам, кои не се здрави за ниту една заедница. Но, невозможно е за која било организирана политичка сила, особено за партија што претендира да биде владин стожер, да се откаже целосно од патриотизмот. Човекот е општествено битие и живее во заедници, па природен е поривот за заштита и развој на сопствената држава. Се чини дека СДСМ уште лута во овој поглед, па си дозволи да му го препушти и асномскиот патриотизам на новоформираното движење ЗНАМ на Максим Димитриевски.
СДСМ е влезен во сериозна криза одамна. Тие не успеваа да најдат формула против ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и да не беше геополитиката, прашање е како ќе завршеше нивната политичка приказна уште во 2010-тите. Меѓутоа, по престојните избори тие влегуваат во пресериозна и егзистенцијална криза, што е нездраво за македонската демократија.
ВМРО-ДПМНЕ ќе остане десниот стожер на македонската политика, а веројатно тие ќе одлучат и многу поодлучно да се отворат и да го опфатат целиот центар. Кризата во СДСМ ќе предизвика нерамнотежа и ќе оневозможи политички да биде претставен еден значаен дел од граѓанството што не се препознава во ВМРО-ДПМНЕ. Ќе собере ли сили оваа политичка партија да се ослободи од неолиберализмот и повторно да го открие отворениот асномски патриотизам, како пат за своја политичка обнова? Ако може да се суди од прикажаното, се чини дека таму не постои внатрешна сила за толку крупна промена. Меѓутоа, и тоа не е крајот на светот… Во политиката нема вакуум, па граѓанството што е отклонето од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да експериментира со својата поддршка и со својот глас сè додека не се изнедри ново политичко движење што ќе го заземе испразнетото место на „лев стожер“ на македонската политика. Тајната на успехот е социјалдемократија во делот на економијата и патриотизам во делот на националната безбедност и културата. Впрочем, како што се вели во политичката наука, „ако ги тргнете нацијата од десницата и општеството од левицата, тогаш не останува ништо“. Македонската левица одамна се откажа од општеството, па време е повторно да го открие.