На 2 април, во фоајето на Македонскиот народен театар, со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана книгата „Иванов 1887/1889: две верзии“ од А.Чехов.
Покрај главната уредничка Зоја Бузалковска, како главни промотори ќе зборуваат и Драгица Најческа, преведувачката на книгата, Ѓорѓи Јолевски, актер, и Гоце Смилевски, писател, а издавач е НУ Македонски народен театар.
– Со ова драгоцено издание на „Иванов“, комедијата од 1887 година, и „Иванов“, драмата од 1889 година, во одличниот, лесно читлив, но и изговорлив превод на Драгица Најческа, многу нови, идни постановки и драматуршко-режисерски читања на оваа пиеса стануваат возможни и веројатни. Изданието, бездруго, ќе иницира и понатамошни анализи на драматуршката постапка во правењето суштински промени на еден, кон крајот на 19 век навидум кревок, a денес толку поставуван, игран, посакуван, секогаш одново актуелен, многуслоен драмски материјал. По промоцијата ќе следува потпишување на книгата, како и изведба на претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска – велат од МНТ.
Билетите за изведбата на претставата се пуштени во продажба.