Свечено отворени „Струшките вечери на поезија“

Со музички перформанс во изведба на култниот македонски музичар Џијан Емин, традиционалното палење на поетскиот оган и спектакуларен огномет, вечерва свечено се отвори 62. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“. Манифестацијата се одржа на платото пред домот за култура „Браќа Миладиновци“, во присуство на голем број странски и домашни поети, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор. Поетската порака ја испрати македонскиот поет Милован Стефановски, во која потенцираше дека Струга е светска престолнина на поезијата.

– Ако само за миг замислиме, а имагинацијата е непрегледно бескраен небесен океан, дека е можно овде, во една ваква августовска вечер, одеднаш да бидат присутни сите што доаѓале во изминатата повеќе од шестдецениска традиција на СВП, сигурно дека би добиле население колку за уште една Струга. Би добиле неверојатно преклопување на стапките по тротоарите и патеките од двете страни на Дрим на многу познати и признати светски поетски имиња и стожерни великани (Рафаел Алберти, Лу Јуан, Андреј Вознесенски, Ежен Гилвик). Нивните стапки се преклопуваат со стапките на нашите македонски поетски гордости (Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Анте Поповски), но и на поетските перјаници на блиските соседни народи (Десанка Максимовиќ, Фатос Арапи, Љубомир Левчев, Јанис Рицос). Тоа е една само навидум невидлива, но живо присутна мрежа со поетска плетка што ја варди Струга и во исто време во нераскинлива традиција ги поврзува поетите со сите вљубеници и поклоници на убавиот поетски збор. Таа поетска плетка како во огледало има одраз на ѕвезденото небо над Струга – истакна Стефановски.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска им посака добредојде на сите гости на фестивалот, потенцирајќи, со зборовите на Влада Урошевиќ, дека можеби поезијата нема да го спаси светот, но е убаво додека ја има.

Музичарот Џијан Емин ја изведе нумерата „King Of Sopiste“, додека девојките од балетското студио „БАХ“ го запалија традиционалниот оган. Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќемина автори од земјава и од странство. Манифестацијата, која ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.