„Македокс“ ги додели наградите за најдобрите остварувања

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, со своето 14. издание по осумдневна филмска програма со 75 документарни остварувања прикажани на четири локации во Старата чаршија („Куршумли-ан“, „Сули-ан“ и платото пред Музејот на Македонија) и во МКЦ, на последната вечер на 24 август во „Куршумли-ан“ ги додели наградите за најдобрите остварувања. Комисијата за доделување на наградата „Кромид“ за најдобар филм во главната програма во состав Наталија Либет, Родолфо Кастиљо-Моралес и Јелена Максимовиќ му ја додели наградата на документарниот филм „Помеѓу револуциите“ на романскиот режисер Влад Петри.

– Главната награда ја доделуваме на документарецот чиј автор и косценаристи задираат преку револуциите и граѓанските немири за да откријат гласови од жени од една далечна ера. Сепак, нивните надежи и желби, љубовта и пријателството ни носат неверојатни емоции нам, модерната публика, сега и овде. Исто така, веруваме дека овој филм ја содржи најсинематската секвенца во оваа селекција на филмови на „Македокс“ – стои во одлуката.

Комисијата додели и посебно признание за филмот „Нема да исчезнеме“ на украинската режисерка Алиса Коваленко со образложение дека „филмот е приказна за созревањето, која нѐ тера да веруваме дека дури и во тешките времиња на војна и неизвесност иднината, сепак, постои и вредна е за исчекување“.

Комисијата за наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од програмата „Нови автори“ во состав Лорен Кларк, Владимир Гојун и Рок Бичек му ја додели наградата на грузискиот филм „Волшебната планина“ на авторскиот тандем Мариам Чачија и Ник Војт. Во категоријата за краткометражни документарци, комисијата во состав Марина Костова, Барбара Орлич-Шчипула и Драган Вон Петровиќ наградата „Сечкан кромид“ му ја додели на визуелно восхитувачкиот и маестрално режиран краток документарец „Излез“ на руските автори Евгенија Арбугаева и Максим Арбугаев. Посебно признание во селекцијата на кратки документарци доби „На работ на водата“ на шпанските автори Марија Елорка и Ињиго Салаберија поради „личната контемплативна приказна за креативниот процес и времетечението раскажана низ обмислена структура, користејќи архивски снимки, кои документираат промени предизвикани од човечки фактор низ текот на времето“.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм одлучуваше комисијата во состав Марко Грба Синг, Стефани Фухс и Витеслав Чованец, а му ја додели наградата на „Ачевик, песната на храбрите жени“ на Елина Кастлер, бидејќи „филмот се занимава со темата на исцелување и тага на еден непретенциозен и прониклив начин. Посебно признание од селекцијата на студентските филмови доби „Силосот“ на Зофија Пацолаји од Унгарија. Жирито беше импресионирано од слоевитото портретирање на протагонистот Јозеф. Комисијата за наградата за филм со најдобри етички идеи во состав Андреас Јунсен, Серџо Трефо и Васко Маглешов му ја додели наградата на „На Адаман“ на Николас Филибер со зборовите „Едноставен. Прекрасен. Совршен.“ Станува збор за филмско остварување, кое го портретира уникатниот центар за грижа што плови сред реката Сена во срцето на Париз.

На статуетките што им беа врачени на наградените автори се аплицирани различни форми на кромид, кој со својата слоевитост е симбол на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Автор на статуетките е Андреј Марјановиќ.
Годинашното издание на „Македокс“ се одржа од 17 до 24 август, со тематски фокус на монтажата на документарниот филм. На фестивалот присуствуваа над 100 гости и филмски автори од странство. В.Д.