Македонскиот стрип-центар од Велес e домаќин на традиционалниот 20. меѓународен стрип-салон „Велес“.

– Јубилејот на постоењето на најзначајната стрип-манифестација во Македонија создаде обврска истиот тој да се одбележи најрепрезентативно што може и во тоа се успеа. Како традиционален дел од стрип-салонот ќе потсетам на меѓународниот стрип-конкурс, на кој оваа година најдобар беше стрипот „Пиг аут“ на стрип-мајсторите: Милорад Вицановиќ–Маза, Аљоша Томиќ и Марко Стојановиќ – вели Томе Трајков, програмски координатор на СЦМ.

Во склоп на овој јубилеј се организира посебна тематска изложба под наслов „20 години меѓународен стрип-салон“, со плакати од сите досега организирани стрип-салони. Оваа година посебно ја обележува и финансиската поддршка од страна на интернационалниот „Вишеград фонд“ и „Вестерн балкан фонд“, покрај традиционалната поддршка од страна на Министерството за култура и Општина Велес.

– Конкретно преку грантовите ќе се овозможи престој и промоција (преку специјален каталог и изложба и панел дискусии) на 12 стрип-автори од земјите од Вишеград групата: Полска, Словачка, Чешка и Унгарија. Финале на нивниот престој ќе претставува потпишувањето меморандум за соработка со стрип-земјите од Западен Балкан, присутни на оваа колонија. Се овозможува, исто така, пат и престој на 16 стрип-автори од: Бар – Црна Гора, Рашка – Србија, Урошевац – Косово и делумно од Македонија. Тие исто така ќе имаат обврска и можност за размена на искуства и комуникација, како и официјална промоција преку изложба и каталог и вмрежување – посочува Трајков.