фото: ФРУ

Не зјапајте толку романтично“, е перформативна шетачка тура, која се реализира како дел од проектот „Градот е јавност дел #1 “, и која ќе се одржи в сабота (7 декември) и ќе трае од 12 до 18 часот. Турата, во форма на перформантивен (шетачки) есеј, е замислена како театарски перформанс во четири чина и е колаборативен уметнички проект предводен од интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски.

Перформативната шетачка тура почнува од студентскиот дом „Гоце Делчев“ во 12 часот („Зграда без врати“), вториот дел од турата почнува во 13:30 часот со јавен перформативен ручек со „Флоутинг Јуниверзити“ во Железничката зграда и во Архитектонскиот факултет („Пловечко кино / Слободно кино“), третиот чин почнува во 15 часот и е наречен „Отфрлање на модернизмот“. Со четвртиот чин наречен „Во бучните води, ги слушам гласовите на мртвите пријатели“ турата завршува во Албанскиот народен театар во Скопје.

Турата е од отворен карактер и оние што би сакале да се вклучат треба да направат резервација на електронската пошта – [email protected].

Куратор на овој перформас е Владимир Јанчевски, кураторската поддршка е на Софија Григоријаду, актерка/изведувачка е Мартина Даниловска.

Авторскиот и драматуршкиот концепт се на Филип Јовановски, соработници на авторскиот концепт се Ивана Самандова, и Димитар Милев, дел од креативната продукција и координација е и Екатерина Добривојевска.

Вклучени во истражувањето се и Мартина Пенева, Екатерина Николовска, Крсто Григорaидис, Калина Трајановска, додека дел од креативниот тим соработници се и Марија Аризанковска, Катарина Томиќ и Бојана Вуковојац.

Перформативната шетачка тура е дел до тридневниот настан „Градот е сцена: Пловечки универзитет“, кој се одржува од 5 до 7 декември.

Првиот ден во амфитеатарот на Архитектонски факултет во Скопје се одржи јавно предавање на Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од Берлин, членови на „Флоутинг Јуниверзити“ (Пловечки универзитет), на кое се говореше за поврзаноста меѓу природата и културата и за просторни експерименти во басенот за задржување дождовница.

Во текот на денешниот ден ќе се одржи целодневна работилница со студенти на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје / Лабораторија за просторно изведувачки практики, која ќе ја предводат Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси од „Фолутинг Јуниверсити“, а ќе трае од 16 до 20 часот. Темата ќе биде „Иднината на киното во Железничката зграда“.

Продукцијата е на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“ во рамки на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“.

Плакат

„Градот е јавност“ претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамки на едукативната платформа „Градот како сцена: Изведување на јавниот простор“. Работата се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамки на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно – театарски проекти (претстави/интервенции) за истите тие простори.

Овој проект следи како надоврзување на работата на „ФРУ“ во објектите и јавните простори како Железничка зграда, Универзална сала, Македонска пошта, објектот Домче, ГТЦ и плоштад „Македонија“ во Скопје.

– Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата, како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова“ дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор – објаснуваат од „ФРУ“.

Проектот е организиран во контекст на проектот „We don’t want to be stars (but parts of constellations)“ заеднички потфат на „Suns and Stars“, Факултет за работи што не се учат –ФРУ, и Музејот Eesti Kaasaegse Kunsti (EKKM) финансиран од Европската унија.

Партнери на проектот „Градот како сцена: изведување на јавниот простор“ се Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ГЕТЕ Институт Скопје, Институт за уметност и театар од Чешка- Прашко квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ), ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Факултет за драмски уметности – УКИМ Скопје, FONTYS Универзитетот за Уметност од Тилбург – катедра за мастер студии Performing public spaces,.

Проектот е поддржан од ГЕТЕ Институт Скопје , Програмата за култура на Швајцарска амбасада во РепубликаМакедонија, Министерство за Култура и туризам на Република Македонија.

Во неговата реализација поддршка дадоа и Албански театар Скопје, Национална Опера и Балет и општина Центар.