Комисијата на 31. меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, во состав: Дарја Ризова, претседателка, Мими Таневска и Иван Додовски, членови, едногласно му ја додели престижната награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ на актерот Јордан Симонов. Наградата му е доделена за улогата на Павле во претставата „Лагата“ од Флоријан Зелер, во режија на Бесфорт Идризи, а во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје.
Како што истакна комисијата, Симонов, со внимателно избрани актерски средства, успева да оствари моќна и осмислена улога. Тој покажува особено чувство за партнерска игра и вешто го води ликот, кој во себе крие тајни, од привидна наивност до длабока перфидност. Со својата способност за трансформација, Симонов доминира на сцената, субверзивно поигрувајќи си со очекувањата на публиката, на работ меѓу комичното и неверојатното, меѓу лагата и вистината.
– Уште еден во низата актери од ансамблот на Македонскиот народен театар ја пишува историјата на овој престижен фестивал – велат од МНТ.