Во пресрет на „Скопскиот поетски фестивал“

Шестото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ ќе се одржи во периодот од 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На настаните ќе се претстават стотина поети од земјава и од странство. Ќе има гости од Кина, Хрватска, Словенија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и од Црна Гора.
– Мотото на годинашниот фестивал е „(Со) стих спроти наратив! (Поезија, политика, пропаганда…)“. Со ова мото сакаме да ја одбележиме стогодишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот. Автор на постерот е Андреј Павлов – велат организаторите.
Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20 часот во МКЦ, на кое ќе настапат девет поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска, која беше избрана за најдобра од дванаесеттемина што настапија на „Отскочна даска #5“ ‒ преднастан на фестивалот наменет за млади поети. По ова прво интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
Следниот ден програмата ќе продолжи со „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој некои од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малобројна публика, која ќе биде избрана претходно по повик. Потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“, на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, како и уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.
На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“. По промоциите ќе следува интернационалното поетско читање „Диверсити“, на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.
Како еден од преднастаните на фестивалот, на 7 мај, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоцијата на поетската панорама што по повод мини-јубилејот – пет години „Отскочна даска“ ја подготви „ПНВ Публикации“, во која ќе бидат застапени песните на сите шеесет и шест досегашни учесници на овој настан наменет за млади. Книгата ќе биде промовирана со читање на сите млади автори застапени во панорамата.

В.Д.