На изолиран вулкански остров покрај североисточниот брег на Бразил со децении, дури и векови, се случува речиси неверојатна приказна – стадо кози преживеале и се размножуваат повеќе од 200 години иако на тој остров нема извор на свежа вода. Козите живеат на островот Санта Барбара, во архипелагот Аброљос, на околу 70 километри од бразилскиот брег. Историските записи покажуваат дека таму ги оставиле колонизаторите пред повеќе од 250 години, веројатно како извор на храна. Дури и по заминувањето на луѓето тие преживеале во една од најнегостољубивите средини. На островот нема ниту реки ниту извори, а ситуацијата не е многу подобра ни кога станува збор за врнежи од дожд, па затоа повеќето животински видови би умреле многу брзо на такво место. Сепак, овие кози останале здрави и се размножувале иако никогаш не се видени како пијат вода.
Минатата година бразилскиот институт за зачувување на биолошката разновидност „Чико Мендес“ планирал да премести 27 кози од островот за да го заштити локалниот екосистем, бидејќи нивното присуство ги загрозува ендемските растителни видови и живеалиштата на најмалку седум вида морски птици. Затоа, научниците одлучиле подетално да ги истражат козите, напиша Вајс.
– Веруваме дека тие развиле уникатни вештини за преживување – рече Ерисмар Роча, менаџер на Националниот морски парк Аброљос.
Тој исто така предупреди дека, без контрола на популацијата, козите на крајот ќе ги исцрпат сите ресурси на островот, што ќе доведе до нивно исчезнување. Но сè уште останува прашањето како успеале да преживеат во такви услови. Една теорија е дека можеби се приспособиле на консумирање морска вода, што повеќето цицачи не можат да го постигнат без сериозни последици како што е дехидрација. Други веруваат дека целата потребна течност ја добиваат од растение што преовладува на островот и задржува големи количества влага, а станува збор за јадливото растение што расте и на Медитеранот – толчница (пурслан). Споменатиот случај има и пошироко научно значење. Истражувачите веруваат дека овие кози би можеле да понудат увид во тоа како животните се приспособуваат на екстремна суша, што станува сè поважно во контекст на климатските промени и проширувањето на сушните подрачја.
Бразилските научници планираат детално да ги проучат нивната физиологија, однесување и микробиом на дигестивниот систем за да откријат што им дало таква издржливост. Прашањето е дали, врз основа на овие наоди, е можно да се развијат поотпорни раси на добиток за областите што се погодени од суша.































