Викендов на платото пред центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево ќе се одржи шеснаесеттиот меѓународен фестивал на народни песни и ора „Д-р Владимир Полежиноски“. На фестивалот ќе настапат локалните културно-уметнички друштва „Нико Пусоски“, „Рацин“ и „Младост“, како и ансамбли од Романија, Албанија, Украина, Црна Гора, Бугарија и Косово.
– Во двете вечери на платото пред центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево ќе продефилираат 15 културно-уметнички друштва и ансамбли од повеќе европски земји, како и три локални културно-уметнички друштва. Овој фестивал е во организација на центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево, со финансиска поддршка на Министерството за култура – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.
Тој ја соопшти и програмата за двата дена што ќе ја презентираат поголем број културно-уметнички друштва и ансамбли.
– На 30 јуни ќе настапат осум културно-уметнички друштва и ансамбли. Пред публиката ќе се претстават домаќинот КУД „Рацин“ од Кичево, ансамблот „Борока“ од Романија, МКЦ – Драч, Албанија, ансамблот „Витанмчики“ од Украина, Младинскиот ансамбл од Црна Гора и локалните друштва КУД „Нико Пусоски“ и КУД „Младост“. В сабота, со почеток во 20.30 часот, ќе настапат ансамблот „Витанмчики“ од Киев Украина, ансамблот „Емин Дураку“ од Скопје, КУД „Гоце Маркоски“ од Скопје, ансамблот „Анаморава“ од Косово, фолклорната група „Шарена гајда“ од Бугарија и локалните културно-уметнички друштва „Нико Пусоски“ и „Рацин“. За разлика од претходните години, учесниците од странство единствениот настап ќе го имаат на фестивалот во нашиот град – додаде директорот Османи.
Зоран Антоски