Младата македонска уметница Маријана Иванова, која во конкуренција од десет илјади плакати со својот плакат насловен „Тетовирање“ ја освои првата награда на конкурсот за плакати на Биеналето за дизајн во Перу во 2018 година, храбро чекори во светот на уметноста и успешно ја гради својата уметничка кариера. Во музеј-галеријата во Кавадарци е отворена нејзината втора изложба во овој град, каде што се претставува со 44 плакати создадени во периодот од 2016 до 2022 година. Повеќето од плакатите се веќе видени во светот бидејќи беа дел од вкупно 18 меѓународни изложби на плакати во Мексико, Аргентина, Перу, Уругвај, Полска, Украина, Црна Гора, Бугарија и во Македонија. Темите што ги третира Иванова се социјални, еколошки, културни или инспирирани од литературни дела и филмски плакати.
– Плакатите треба да се третираат со респект што го заслужуваат, и тоа не само како уметнички дела туку и како историски документи што низ столетијата сведочат за одредени култури, па дури понекогаш повеќе и од историски текстови. Овие моќни и преубави плакати имаат намера да го испровоцираат гледачот, да го привлечат неговото внимание, да комуницираат со него и да го натераат на размислување, па и на акција. Овие анимации придружени со текст апелираат на многу креативен и храбар уметнички јазик до јавноста за одредени девијации, дисбаланси, нерамнотежености што се случуваат глобално во секоја пора од општествениот живот. Но исто така има и пораки низ кои провејуваат позитивизмот, хуманоста, убавата страна на животот. Радува фактот што оваа млада уметница е свесна и за девијациите, но и за придобивките и реагира на нејзин автентичен креативен начин, при што не само што укажува на нив туку праќа пораки за будење и освестување и подава рака полна со љубов за поубав свет, за поубаво утре – вели кураторката на изложбата Билјана Галабова.
Пред многубројната публика на отворањето за плакатите на Маријана Иванова говореа и директорот на музеј-галеријата, Томе Крстевски, и Јулијана Иванова, кустоска од Музејот на градот Виница.
Маријана Иванова дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, на Катедрата за плакат и визуелна комуникација во 2017 г. Зад себе има реализирано 10 самостојни изложби и учество на повеќе од 100 групни изложби, од кои поголемиот дел се од интернационален карактер на изложби на плакати, и тоа во 28 земји во светот. Добитничка е на дури шест меѓународни награди.