Фото: Маја Јаневска Илиева

М-р Светлана Димитриевска, организатор на „Денот на пијаното – Скопје“ и раководител на одделот за пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“

  • Концертот ќе се одржи на 22 април во КИЦ – Скопје, со почеток во 19 часот и е отворен за јавноста

По одбележувањето на Денот на пијаното (Piano Day) пред неколку недели, младите пијанисти повторно ќе се претстават на концерт посветен на македонската музика. Делата за пијано на македонските композитори публиката ќе може да ги доживее и на 22 април во Културно-информативниот центар во Скопје, а свое видување за нив, преку видео-пораки, ќе дадат и изведувачите. Љубовта кон пијаното и македонската музика не завршува со календарот, таа бара нови сцени и нови средби со публиката, вели м-р Светлана Димитриевска, координатор на „Денот на пијаното – Скопје“ и раководител на одделот за пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
– Идејата за втор концерт произлезе од големиот интерес за македонското музичко творештво, како и од желбата јубилејот, 10 години од „Денот на пијаното – Скопје“, да се одбележи во свечена атмосфера и да се доближи до пошироката публика.

Зошто беше важно фокусот да биде на македонските композитори?
– Македонското музичко творештво е наше автентично богатство кое треба да се слуша, да се негува и достоинствено да живее на сцената. Верувам дека делата на македонските композитори треба да бидат природен и редовен дел од пијанистичкиот репертоар, особено кај младите, бидејќи така не само што ја чуваме традицијата, туку ѝ даваме и нов живот пред публиката.

Дали македонската пијанистичка литература е доволно застапена кај младите?
– Можам да кажам дека македонската пијанистичка литература е сè повеќе застапена. Токму ваквите настани се клучни, тие ги мотивираат младите пијанисти да ги откриваат и изведуваат домашните дела, а истовремено го будат интересот и љубопитноста кај публиката. Воедно, претставуваат исклучителна можност овие композиции да живеат на сцената, создавајќи простор и поттик за нивна почеста изведба.

Колку е важно младите музичари уште од рана возраст да градат однос кон домашното творештво?
– Исклучително е важно уште од најрана возраст да се негува континуитет во изведбата на дела од македонските композитори. Така младите не само што ја запознаваат и ја чувствуваат сопствената музичка традиција, туку и активно придонесуваат таа да продолжи да живее. Воедно, тоа претставува силен поттик и за композиторите од поновата генерација да создаваат, знаејќи дека нивната музика ќе најде своја сцена и изведувачи.

На ова издание, освен музички портрети, ќе има и видео-записи со лични доживувања. Како дојдовте до таа идеја?
– Визуелниот елемент и новите креативни пристапи се секогаш добредојдени, бидејќи внесуваат свежина и нова димензија во настанот. Со вклучувањето на видео-записите, сакавме да им дадеме глас на младите изведувачи, да ја споделат својата лична врска со делата што ги изведуваат. Тоа не само што ја збогатува концертната форма, туку и ја поттикнува нивната креативност, отворајќи простор за поинакви сценски изрази и доживувања.

Што очекувате да откријат младите изведувачи преку овие видеа?
– Очекувам да откријат дека постојат повеќе начини на изразување и комуникација со публиката. Овие видеа им отвораат нова димензија на настапот, не само како изведувачи, туку и како личности што имаат што да кажат за музиката што ја свират. Воедно, придонесуваат за градење на самодоверба и подлабоко разбирање на сопствената интерпретација, што е особено важно во нивниот уметнички развој.

Што посакувате да понесе публиката од овој концерт?
– Би сакала публиката да ја понесе радоста од богатството што една генерација македонски композитори ни го оставила, но и да се запознае со тековите и тенденциите на современото македонско музичко творештво. Верувам дека ваквите концерти отвораат простор за подлабоко разбирање и поврзување со домашната музика.

Како пијанист, професор и раководител на Одделот за пијано, што сметате дека недостига за поголем развој на пијанистичката сцена?
– Ова е широка тема, но она што веднаш можам да го издвојам е потребата од повеќе квалитетни концертни сцени и современи инструменти, пред сè нови клавири, кои би биле достапни за младите изведувачи. Таквите услови не само што го подигнуваат нивото на изведба, туку овозможуваат и поинакво сценско искуство и подлабоко музичко доживување.

Што за Вас лично значи Денот на пијаното?
– „Денот на пијаното – Скопје“ за мене е настан што постојано носи свежина и нова енергија. Секое издание отвора простор за креативност, слобода во изборот на програмата и нови сценски пристапи, што е подеднакво инспиративно и за учениците и за публиката. Воедно, тоа е можност за вистинска прослава на омилениот инструмент – пијаното, но и платформа што поттикнува развој, размена на идеи и создавање нови уметнички вредности.
Ги поканувам сите љубители на музиката да ни се придружат – настанот е отворен за јавноста и претставува убава можност за заедничко уживање во македонската пијанистичка уметност. Н.Б.З.