Има еден… туку ќе се сретнеме во секојдневноста. „Секојдневноста е тука за средбите да станат невозможни“ (непознат македонски автор)! Тоа е нејзина природа, кога ќе се сретнеме, секогаш има нешто да каже. Овој пат се сретнавме кај она огледало, кај вливот на Лепенец во Вардар. Во средината на огледалото, малку ексцентрично, има остров на кој расте само едно дрво. Кога ќе стигне налогот, службите ја расчистуваат таквата несекојдневност, но речното улиште пак го создава островот и дрвото повторно никнува! Чудо.
Беше 1 април. Ми го раскажа следното. Јас, се разбира, не му верував ништо, традиционално. Шега… Најлесно се памети:
„Патот до Пеколот е поплочен со добри намери.“
– Нема поточно од тоа!
„Но Патот до сознанието е поплочен со бесмислени, неверојатни и невозможни настани!“
-!?
„Чудо… се сеќавам, кога го градевме Домот, го градевме обликувајќи го од исток и од запад истовремено (само уште трговскиот центар е граден на тој начин)… Ископот беше длабок 7 метра, главната кула висока 100 метра и над неа предавателите и врските. Тоа одекна во државата што ја надминавме, ексклузивните списанија правеа репортажи и дојде директивата! Кога требаше само да се довршат Радиото и големото студио на Телевизијата од 1.200 квадратни метри и последните 22 метри од кулата – градбата запре?! Остана празнината од 50 метра помеѓу Радиото и Телевизијата, а кулата остана пониска, на 78 метра.
Нејсе. Се снајдовме! И го склопивме Мостот на воздишките. Со децении пред тоа и децении по тоа вработените од својата плата одделуваа самопридонес. За Домот! Така создадовме студија што до денес странски компании не ги напуштаат и само понекогаш им дозволуваат на вработените некоја свеченост. Така оставивме продукција што и денес не е надмината во радио и телевизиската програма на оваа секојдневност. Види!
Шарената револуција не започна во 2016 година. Шарената револуција во Македонија започна во 1996 година, кога новинарите и техничко-технолошкиот кадар за далеку подобри плати се расеаја по модерните медиуми и кога се празнеа видеотеките и фонотеките на националната радио-телевизија, за да има демократија во медиумите. Тоа режисерот на сета претстава го титлуваше како ’демократија, конкуренција и пазарна економија’. Тоа не беше доволно. Сѐ уште МРТ беше надмоќна во секоја смисла. Режисерот на Шарената револуција го одигра вториот потег. Почна да препорачува раздавање на просторот, со што во кулата се сместуваа ’кираџии’. Тоа не беше потег преку кој ќе се влијае на повишување на ниските примања на вработените, но и тоа се покажа недоволно за разнебитување на МРТ. Следниот потег беше донесување генерален директор, чија задача беше да го намали бројот на профитните функционални целости на кои се темелеше финансирањето на програмата. Директорот ја укина претплатната служба, која традиционално успешно и над 90 отсто ја собираше претплатата, а инкасаторите другарски се познаваа со сите претплатници што имаат адреса или немаат адреса во цела Македонија! Народот беше задоволен од програмата на МРТ! Директорот (дисциплинирано следејќи ја режијата) го укина ресторанот, кој имаше капацитет за 1.000 гости, и тука насели полиција! Ја укина фабриката за столарија, сценографија и костимографија, која редовно работеше за странски западни филмски продуценти! Го укина фарбарскиот погон, кој носеше огромна заштеда при фарбањето на внатрешните простории на објектот! И имаше фундус колку сите театри заедно (не знам дали сѐ уште постои)… И ја укина продукцијата, која имаше мрежа на продавници низ Македонија и во главните градови на некогашната држава! Потоа ги распушти хорот и оркестрите на МРТ. Потоа почна да прави континуирано селење на вработените од зграда до зграда, од кат на кат и назад. Тоа траеше една цела година! Потоа вработените сигнализираа дека радио и ТВ-документацијата исчезнуваат од фундусите… Потоа директорот објави дека нема плата.
Задачата беше: МРТ треба да биде во димензијата на успешните ’модерни’ (ова беше нагласено) приватни радија и телевизии, како францускиот модел: сите надвор, а потоа на конкурс, па кого ќе одбере директорот! А тој веќе беше одбрал според сценариото, но се разбира за тоа ’ништо не се знае’! Тие што го градеа Домот на МРТ мораше да си одат дома!!!
Штрајкот започна потполно неочекувано за режисерот на шарените. Режисерот, сигурно, ја проучувал историјата на штрајкот во Македонија во 20 век и не нашол успешен штрајк, а штрајк во новинарска куќа не е ни регистриран како појава! Режисерот е известен дека директорот веднаш по назначувањето поставил и свои луѓе во синдикалната организација на МРТ. Прашал кај политичките партии: ВАТС ГОИН ОН? И… и тие биле изненадени! Значи: некои аматери што брзо ќе бидат заплашени и ќе направат законски грешки и… ќе се реши работата за една недела. Наместо тоа: штрајкот е поддржан од гранскиот синдикат и делегиран е претставник што има искуство во правната процедура!? Кој ли му се меша во работата!? Нарачан е снимател што треба да снима сѐ што прават штрајкувачите! Нарачана е колумна од виден професор (тој ќе бидне амбасадор), кој треба да ги поучи штрајкувачите дека треба да излезат на улица и дека штрајк се прави само на улица. Добива одговор на истата страница со препорака: ’Вие, професоре, ако не сте правеле штрајк – не попувајте!’ Режисерот испраќа претставник од ОБСЕ, тој се запознава со состојбата и разговара без пречки со штрајкувачите… Штрајкувачите ја прекинуваат централната информативна емисија и директно во живо ги изложуваат состојбите и барањата… Скандал во новинарството… Пред порта е датумот за избор на генерален директор, а нему му треба уште еден мандат, а работата не оди, задачите не му се завршени. Притисокот на вработените е силен и управниот одбор објавува дека директорот нема да се кандидира за втор мандат. Штрајкувачите се задоволни, но дознаваат дека, наместо директорот, ќе фигурира еден од вработените што и дотогаш е негов посветено верен соработник. Но исто така е и староседелец во МРТ и има блиски пријатели меѓу штрајкувачите. Тој ги поднесува документите до управниот одбор, кој треба да одлучи за неговата кандидатура попладнето. Претпладнето штрајкувачите се собираат масовно. Целиот штрајк се снима цело време и има платен снимател. Снимателот, сакајќи да ги измами, ги води кон канцеларија во која не е кнадидираниот нов директор, но меѓу штрајкувачите се наоѓаат вработени што ја покажуваат вистинската канцеларија. Штрајкот влегува во канцеларијата! Несудениот директор е изненаден затоа што никој не знае како штрајкувачите ги влечат потезите иако на сите состаноци се присутни доушници! Нема обраќање од штрајкувачкиот одбор!
Нему му се обраќаат само неговите децениски другари. Телефонот постојано му ѕвони! Тој не одговара на повикот од претпоставениот! Тој е соочен со заедничкото минато и преданост и другарство, кое секогаш било моторна сила на МРТ… Тој ги повлекува документите…
Штрајкот е завршен успешно. Платите на вработените пристигнуваат точно во часот кога Министерството за финансии ги испраќа парите до МРТ и секогаш во истиот ден на почетокот на месецот. Таков феномен не се памти во МРТ од 1984! Вработените избираат генерален директор и сами раководат со МРТ!
Види, се разбира дека е ова неверојатно и сигурно е дека нема да биде дел од службената историја на МРТ и дека никој од сегашните вработени не знае за овој настан… Еве, од тогаш поминаа 20 годишни прослави на денот на Радиото и денот на Телевизијата, преполни со сеќавања за минатото. Никој на штрајкот не се сеќава…
Има објаснување. Што се случи потоа. За неполни шест месеци режисерот најде ’законски’ пречекорувања и донесе генерален директор од ОБСЕ. Некогашен кадровик од фабриката ’Планика’, која произведува обувки во Словенија. Тој како надворешен експерт, европски, продолжи по патеките на избрканиот директор, а веднаш по него се изнаредија неколку директори од политичките партии со полу или четврт мандати. Потоа работата им се даде на младите и еден таков кадар остана на директорската позиција подолго од кој и да е генерален директор во историјата на МРТ!? Петнаесет години пропаѓање по сите основи. Но најмногу во заборав, националната радио-телевизија се смали подолу од просечна слична новинарска куќа во Северџанија. Но, затоа директорот е меѓу 20 најбогати политичари и бизнисмени во Македонија. Но на режисерот му е добар.
Има конкурс. За директор на МРТ. Овој досега пет пати победи! Можеби ќе се јави пак… Во оваа секојдневност е полесно!
Порано беше вака… Ќиро му вика на Стојан дека Тихо веќе не сака, оти сака да стане амбасадор… Стојан му вели дека Мелпомена знај многу добро телевизија и дека да ја ставиме (Мелпомена работеше во ’Нова Македонија’)… Ќиро вели и јас имам чуено… Демек да ја клаиме… Ама Бранко вели Сашо да биди за телевизија… Ама Мелпомена вели не, зашто Сашо нема диплома и знај само за весници… Но Бранко ќе се налути, му вели Ќиро на Стојан, и нека зборни Стојан со Мелпомена уште еднаш, а и тој ќе зборнел… И така, најсетне Мелпомена увиде дека е така најдобро и така и беше… Имаше увид.
Денес е полесно: има надреден режисер, кој е надвладин и натпартиски, и ќе биди како шо ќе речи тој. Најарно е да го остај Марјан… ене 15 години рекорден мандат за еден директор на јавно претпријатие дури и во комунизмо! Ако се договорат можи ќе влезат во Гинис!?“
– Што има чудно!
„Ништо нема. Знајш колку има имот МРТ?“
-!!?
„Вака: 1. Земја над 10.000 квадратни метри во централното градско подрачје на брегот на реката Вардар, по 2.500 евра за квадратен метар (25.000.000). 2. Над 100.000 кубни метри изградена површина, по 3.000 евра за квадратен метар (300.000.000). 3. Додај површина под наем и кирии и студија за радио и телевизиско снимање и емитување со врвен квалитет. 4. Додај 80 години традиција во основната дејност. 5. Додај вредност на остварените производи. 6. Меѓународна вмреженост и поврзаност со медиуми и дијаспора. 7. Награди и признанија. 8. Историска и архивска граѓа за суштествувањето на Македонија – (веројатно најскапоцената вредност на МРТ)… И: сето тоа дадено на управување 15 години… и на еден некомпетентен и неопитен поединец!? Тоа – има чудно: што воопшто можеше да се очекува? Надградба? Одржување? Не, само она што се случи логично: поединецот ја сведе перспективата на сопствената можност. Го растури, разгради и смали капацитетот на МРТ до мерилото на неговиот дуќан од каде што го донесоа според налогот на режисерот. Поединецот се збогати со само 4 отсто од вредноста на МРТ, која ја распродаваше и растураше 15 години! Домот на МРТ остана недовршен!!!
Местото генерален директор, според внатрешните правилници на МРТ, кои не се сменети половина век, никогаш не било демократски избор. Секогаш режија на власта“.
– Која власт?…Македонија одамна нема македонска власт на Македонија! Или има… Сенка?
„Режисерот најдобро ќе знае. Тој одамна ги проценил вредностите на локацијата… се сомневам дека е антимакедонец… Но: шарената револуција е во тек!“
– Што не се вмешаш?
„Вмешан сум… А ти? Ќе се вмешаш?“
Статистика (извод од генералниот план на непознат сторител)
…Три-четири отсто од мравките на дадениот брег умираат дневно… тоа нема никакво статистичко значење освен за месец… генерација… Важно е работата да оди… оди… оди, токму како што навистина врви… навистина врви… навистина врви. Биологот Луис Томас го изјави ова (не само како факт, кој навистина е точен) целејќи кон метафората: забележете колку е ова исто со викотницата од зборови на оваа генерација што во грч ја крева оваа градба од идеја високо. Високо за постојано да се стрмоглавува прудолу…
– Како ли му успева? Кој му подава? Ваква документација?
„С Ф С Н!“… и… Заминува.

































