Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) годинава за првпат со свој самостоен штанд ја претставува современата македонска литература за деца на престижниот Саем на книги за деца во Болоња, најзначајната меѓународна манифестација посветена на книжевноста за деца, илустрацијата и издаваштвото.
– Со внимателно осмислен настап, МАИ преку присутните изданија и специјално подготвените промотивни материјали ќе ја претстави богатата и разновидна домашна продукција за деца. Во фокусот на годинашното претставување се 32 македонски автори за деца и 19 илустратори, чии дела и визуелни светови сведочат за квалитетот, современоста и креативниот потенцијал на македонската книжевност и издаваштвото за деца. На штандот на МАИ, кој се наоѓа во халата број 30, се изложени репрезентативни изданија (сликовници, романи и едукативни публикации), како и внимателно подготвени каталози и промотивни материјали наменети за странски издавачи, литературни агенти, илустраторски студија и професионалци од областа на издаваштвото за деца. Преку овој настап, асоцијацијата има цел да ја зголеми видливоста на македонската литература за деца на светската издавачка сцена, да отвори нови можности за преводи и издавачки партнерства, како и да воспостави нови професионални контакти со луѓе од целиот свет – велат од МАИ.
Настапот на Саемот во Болоња е исклучително важен за промоцијата на македонските автори за деца и илустратори во меѓународни рамки.
Саемот важи за највлијателен светски настан во областа на литературата за деца и млади. Оваа година се претставуваат околу 1.500 изложувачи од 90 земји од светот, а се очекуваат над 33.000 професионални посетители.