Монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи“ од Драган Попоски-Стојнин ги претставува историското минато и милениумскиот континуитет на опстојување на Македонците

Горенореканското село Кичиница се наоѓа јужно на триесетина километри од Гостивар, во пазувите на планината Бистра, на неколку километри од регионалниот пат Маврови Анови, с. Маврово. Дека е прекрасно место за живеење и престој потврдува и доктор Драган Попоски-Стојнин, специјалист по општа медицина, од струшкото село Вевчани, кој уште во 1972 година, кога првпат го посетил за да му укаже лекарска помош на болен жител на селото, со домаќините прошетал низ селото и им рекол: „Низ цела Македонија барам место каде што би изградил куќа за одмор, тука го најдов. Мир, зеленило, воздух, извори со бистра и ладна вода и, најважно, луѓето се добродушни. Ги прашав, дали можам да купам парче земја за куќа?“ Селаните се погледнале, се разбрале: „Ние не му продаваме земја никому, но за тебе ќе отстапиме од правилото. Одбери си, со сопственикот ќе се договориме“…
Ова го прочитав во монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи“ од Драган Попоски-Стојнин, која ми ја подари на годинашната прослава на Водици, на кумовиот ручек со кичиничани во Гостивар. Во половина век повремен престој во саканото село, авторот на монографијата почнал да ја истражува историјата на Кичиница, на селата на Горна Река, топонимите низ историјата, јазикот, верата христијанска, обичаите, црквите, манастирите, празнувањата на црковните празници, традиции, прекројувањето на историјата од окупаторите, крадењето на црковната и другата историја од Македонците, потурчувањето што го вршеле османлиите, зулумите што ги вршеле качаците од соседна Албанија и албанизацијата, денешниот отпор на горнореканци кон албанизацијата… Сознанијата ги добил од стотина книги и од теренските истражувања што ги бележел да ја создаде монографијата за омилениот регион.

– Во неа го има претставено историското минато, милениумскиот континуитет на опстојувањето на Македонците на балканскиот македонски полуостров, како што го именува Попоски. Именување засновано на претставените факти за етногенезата на Македонците споредено со етногенезата на Грците, Бугарите, и Албанците доселувани и населувани низ столетијата – пишува рецензентот Михајло Миновски.
Позитивна рецензија има и од Ефтим Клетников.
– Драган не крие дека неговата врска со горнореканската Кичиница е енормно емотивна, но кога пишува за неа и за македонската историја и судбина, сепак тој е на нивото на една картензијанска ладнокрвна истражувачка и аналитичка акрибија на презентирање на фактите и творење на големата истовремено славна и трагична слика на Македонија и македонизмот како културно-цивилизациска струја што поплавува еден добар дел од светот, од Пела до Индија на исток и пирамидите на Египет на југ – вели Клетников.
Попоски во теренските истражувања добил многу сознанија, педантно ги бележел, ги фотографирал и ја илустрирал монографијата.
– Климата е идеална, чист планински воздух, нема загадување ниту на воздухот ниту пак на водата, природата е недопрена како што е создадена. Тоа беа предизвиците да изградам тука дом, да уживам во благодатите – пишува авторот.