Драган Јањатов/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемените тензии по нападот врз Христијан Пендиков во Охрид, што доведоа до дипломатски мерки, но и провокации и закани од Софија, укажуваат на ново влошување на односите помеѓу Македонија и Бугарија. Властите во Софија вчера го повлекоа бугарскиот амбасадор од земјава и најавија можно запирање на меѓувладините проекти, откако во Комисијата за надворешни работи беа сослушани техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, пак, преку социјалните мрежи, индиректно упати закани до Стево Пендаровски, откако претседателот побара забрана за негов влез во Македонија. Згора, во изјавите на бугарските политичари се провлекува и можноста за ново вето за Македонија. Ваквиот развој на настаните веќе го предвиде публицистот и поранешен дипломат Драган Јањатов, кој во неколку наврати, во изјави за „Нова Македонија“, укажуваше на можно отежнување на македонските евроинтеграции поради бугарската политика.

– Сето ова веќе го предвидовме, оти Македонија на патот кон ЕУ ќе се соочи со провокации и со пречки од Бугарија, што почна со отворањето на бугарските клубови во земјава. Македонија не треба да има надежи дека Бугарија ќе отстапи. Гледаме и дека ЕУ молчи, па дури е можно да дојде и до осуда за Македонија оттаму. Ова е без преседан. Македонија во оваа ситуација со Бугарија ќе продолжи да оди по трње и ќе ги почне преговорите со ЕУ кога врбата ќе роди грозје – смета Јањатов.

Тој очекува ново вето од Софија доколку македонските власти не им дозволат на Бугарите да дојдат во Скопје на одбележувањето на денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев – 4 февруари.

– Одењето по маките ќе доведе до ново вето, ако не ги пуштат Бугарите да влезат во Македонија на 4 февруари. Тој собир треба да биде забранет, а Македонија да го одбележи денот на државно ниво, бидејќи е извесно дека Бугарите ќе се обидат да предизвикаат инцидент. Македонија треба да заземе поостар став, а очекувам и претседателот Пендаровски да биде поенергичен, во рамки на неговите надлежности – заклучува Јањатов.

Министерството за надворешни работи ги осуди изјавите на Џамбаски за што по дипломатски пат го извести и Министерството за надворешни работи на Бугарија, додека од кабинетот на претседателот не ги коментираа изјавите на бугарскиот европратеник. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека допрва ќе се одлучува за забраната за влез на Џамбаски во Македонија. М.Ж.