Човештвото месечари додека се нижат мегазаканите

Без оглед на омилената терминологија за опишување на тековниот момент, постои широкораспространета согласност дека се соочуваме со невидени, невообичаени и неочекувани нивоа на неизвесност, кои навестуваат иднина на криза, нестабилност и конфликт. Но дали навистина ќе направиме нешто во врска со тоа, останува да видиме

Мноштво меѓусебно поврзани „мегазакани“ ја загрозуваат нашата иднина. Додека некои од нив долго се подготвуваат, други се нови. Упорно ниската инфлација од периодот пред пандемијата ѝ го отстапи местото на денешната претерано висока инфлација. Секуларната стагнација, односно постојано нискиот раст поради слабата агрегатна побарувачка, прерасна во стагфлација, бидејќи негативните шокови на агрегатната понуда се комбинираа со ефектите на лабавата монетарна и фискална политика.
Онаму каде што некогаш каматните стапки беа премногу ниски, па дури и негативни, тие сега брзо растат, зголемувајќи ги трошоците за задолжување и создавајќи ризик од последователни должнички кризи. Периодот на хиперглобализација, слободна трговија, отворање офшор-компании и навремени синџири на снабдување отвори врата кон нова ера на деглобализација, протекционизам, враќање на бизнисите во матичната земја, сигурна трговија и воведување технолошки вишок „за секој случај“ во синџирот на снабдување.
Освен тоа, новите геополитички закани го зголемуваат ризикот од студени и жешки војни и дополнително ја делат глобалната економија. Ефектите од климатските промени стануваат посериозни и со многу побрзо темпо отколку што очекуваа многумина. Пандемиите, исто така, веројатно ќе станат почести, вирулентни и скапи. Напредокот во вештачката интелигенција, машинското учење, роботиката и автоматизацијата се заканува да создаде поголема нееднаквост, постојана технолошка невработеност и посмртоносни оружја, со кои ќе се водат неконвенционални војни. Сите овие проблеми поттикнуваат реакција против демократскиот капитализам и ги зајакнуваат популистичките, авторитарните и милитаристичките екстремисти и од десницата и од левицата.

Она што јас го нареков мегазакани, другите го нарекоа „поликриза“, кој „Фајненшел тајмс“ неодамна го прогласи за главен збор на годината. Од своја страна, Кристалина Георгиева, извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), зборува за „спој на несреќи“. Светската економија, како што таа предупреди лани, се соочува со „најголемиот тест можеби од Втората светска војна“. Слично на тоа, поранешниот министер за финансии на САД, Лоренс Х. Самерс, тврди дека се соочуваме со најакутни економски и финансиски предизвици од финансиската криза во 2008 година. И во својот последен извештај за глобалните ризици, објавен непосредно пред да се соберат елитите во Давос овој месец за да разговараат за „соработката во поделен свет“, Светскиот економски форум предупреди на „посебна, неизвесна и турбулентна деценија што следува“.
Така, без оглед на нечија омилена терминологија, постои широкораспространета согласност дека се соочуваме со невидени, невообичаени и неочекувани нивоа на неизвесност. Во блиска иднина можеме да очекуваме поголема нестабилност, поголеми ризици, поинтензивен конфликт и почести еколошки катастрофи.
Во својот познат роман „Волшебната планина“, Томас Ман ја прикажува интелектуалната и културната клима, како и лудилото, што доведе до Првата светска војна. Иако Ман го започнал своето дело пред Првата светска војна, тој го завршил дури во 1924 година, и доцнењето имаше значително влијание врз крајниот производ. Неговата приказна се одвива во санаториум што бил инспириран од оној што тој го посетил во Давос, кој се наоѓа на истата локација на врвот на планината (хотелот „Шацалп“) каде што се одржуваат состаноците на Светскиот економски форум.
Оваа историска врска е премногу соодветна. Нашата сегашна ера на мегазакани многу поблиску потсетува на трагичниот 30-годишен период помеѓу 1914 и 1945 година отколку на 75-те години релативен мир, напредок и просперитет по Втората светска војна. Вреди да се потсетиме дека првата ера на глобализација не беше доволна за да се спречи почетокот на Првата светска војна во 1914 година.

Таа трагедија беше проследена со пандемија (на шпански грип), падот на берзата во 1929 година, Големата депресија, трговски и валутни војни, инфлација, хиперинфлација и дефлација, потоа финансиски кризи и големи ненамирувања на долговите и стапки на невработеност над 20 отсто. Токму овие кризни услови го поддржаа подемот на фашизмот во Италија, нацизмот во Германија и милитаризмот во Шпанија и Јапонија, кулминирајќи со Втората светска војна и холокаустот.
Но, колку и да беа страшни тие 30 години, денешните мегазакани се на некој начин уште пострашни. На крајот од краиштата, меѓувоената генерација не мораше да се справува со климатските промени, заканите за губење на работните места поради напредокот на вештачка интелигенција или имплицитните последици поврзани со стареењето на општеството. Згора на тоа, светските војни во голема мера беа конвенционални конфликти, додека сега конфликтите меѓу големите сили може брзо да тргнат во повеќе неконвенционални насоки, потенцијално завршувајќи со нуклеарна апокалипса.
Затоа, се соочуваме не само со најлошото од 1970-тите (повторени негативни шокови на агрегатната понуда) туку и со најлошото од финансиската криза во 2007-2008 година и најлошото од 1930-тите. Новата „геополитичка депресија“ ја зголемува веројатноста за ладни и жешки војни, кои премногу лесно може да се преклопат и да излезат надвор од контрола.
Колку што можам да кажам, никој што се состанува во Давос денес не го пишува големиот роман за ерата на мегазаканите. Сепак, денешниот свет сè повеќе го манифестира чувството на претскажување што го добиваме кога го читаме Ман. Премногу од нас уживаат во самозадоволството на самитот и игнорираат што се случува во реалниот свет. Подобро да се разбудиме наскоро, пред да почне да се тресе планината.

Нуриел Рубини е почесен професор по економија на школата за бизнис „Стерн“ на Универзитетот во Њујорк