„Петте популарни песни“ создадени од композиторот Карлос Лопез Бучардо, „Петте популарни аргентински песни“ од Алберто Гинастера, како и „Триптихот од Кубанска поезија“ од Модеста Бар и „Есенските песни“ на Антонио Естевес прозвучија магично со прекрасниот глас на тенорот Акилес Мачадо, кој настапи во црквата „Света Софија“, во пијано-придружба на македонскиот пијанист Адреја Наунов.
Концертот се одржа во рамките на традиционалната Шпанска вечер на фестивалот „Охридско лето“, која се организира со поддршка на Амбасадата на Кралството Шпанија.
– Долги години работиме со фестивалот „Охридско лето“ и големо е задоволството да се има Шпанска вечер на еден ваков меѓународно-реномиран фестивал. Годинава преку програмата беше прикажана мешавина од латиноамериканска и шпанска култура – истакна заменик-амбасадорката во Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава, Ана Грациа Гајего.
Роден во Баркисимето (Венецуела), тенорот Мачадо започнува да учи музика на конзерваториумот „Висенте Емилио Сохо“. Студирал во класата на професорот Вилиам Алварадо на конзерваториумот „Симон Боливар“ во Каракас. Откако се сели во Шпанија, благодарение на стипендијата од Шпанската национална банка и фондацијата „Моцартеум“ од Венецуала, Мачадо студира на високата школа за музика „Кралица Софија“, во класата на Алфредо Краус. Во 1996 дебитира на оперската сцена во Каракас со „Љубовна напивка“, а истата година го има и европското деби во „Магбет“, во театарот на Канарските острови. Неговата кариера е во постојан подем со настапи во најпознатите оперски куќи.
Пијанистот Андреја Наунов, кој го придружуваше тенорот Акилес Мачадо, е добитник на државни награди по камерна музика и пијано, а има остварено и голем број солистички рецитали, настапи со Македонската филхармонија и со оркестарот на Македонската опера и балет. Меѓу неговите позначајни настапи се и турнеите со пијанистот и негов професор Симон Трпчески.