Меѓународната фотоизложба „Последните селани“ во Софија

Денеска, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде отворена меѓународната фотоизложба „Последните селани“ од колонијата „Арт поинт – Гумно“, со дела од автори, од различни земји: Ероу Рос (САД), Јана Хунтрова (Чешка), Алена Новакова (Чешка), Марек Пекни (Чешка), Ева Моричка (Чешка), Јана Мари Кнотова (Чешка), Павла Бичикова (Чешка), Надја Милерова (Чешка), Петр Буреш (Чешка), Рудолф Кучап (Чешка), Мартин Новотни (Чешка), Естер Шабик (Словачка), Харис Савидес (Грција), Елизабет Рос (Мексико). На изложбата ќе бидат претставени селектирани фотографии од богатата фотографска колекција на „Арт поинт – Гумно“, чија инспирација се локалните жители од регионот на Горен Демир Хисар, оние што беа вечна инспирација и за Петре М. Андреевски. Во една пригода Петре ќе каже: „Овдека се сите луѓе, сите пејзажи, сите простори што влегле во мојата поезија и без кои не знам за што би пишувал“.
На чело на елитната фотографска бригада е американскиот фотограф со данско потекло и светска репутација Ероу Рос, кој беше еден од првите гости на уметничката резиденција на „Арт поинт – Гумно“ во с. Слоештица. За време на неговиот едномесечен престој во селото, есента 2005 година, тој буквално го документираше животот на едно македонско село. Во рамките на т.н. „Приказна за лебот“, како што беше наречена неговата фотоавантура во Слоештица, која според него е „вистински рај за фотографирање“, Рос направи и серија портрети на жителите. На изложбата во КИЦ Софија ќе бидат изложени осум негови фотографии што воедно беа и дел од изложбата што Рос ја организираше во САД со наслов „Село во Македонија“.
Јана Хунтрова е реномирана чешка фотографка чии дела се нашле и на страниците на престижното списание „Национална географија“.

Нејзина специјалност се документарните фотографии и кратките документарни филмови. Таа е еден од водечките професори за документарна фотографија во чешката Либеречка школа за фотографија и графика и на гумното во Слоештица има гостувано во повеќе наврати, и како индивидуален фотограф и како професор/куратор на студентите од Либерец. На изложбата ќе бидат поставени две нејзини фотографии од 2021 и 2024 година.
Соработката со Либеречката школа за фотографија и графика од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што „Арт поинт – Гумно“ ги реализира во изминативе 23 години. Професори и одбрани студенти од оваа школа, досега, во три наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица. Во фокусот на чешките фотографи е македонското село. Групите што гостуваа во Слоештица во 2018, 2021 и 2023 година крстосуваа низ селата од Горнодемирхисарскиот Регион и преку своите фотографии ја раскажаа приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува. На изложбата ќе бидат поставени седум селектирани фотографии.
Естер Шабик е млада талентирана мултимедијална уметница од Словачка. Во „Арт поинт – Гумно“ престојуваше во 2019 година, кога на темата на резиденцијата „Природата предупредува: Будни ли сте?!“ создаде серија уметнички дела во разни техники, инспирирани од локалното природно богатство и климата. „Слоештица – име за цел еден свет“ беше тема на меѓународната уметничка колонија во 2024 година, на која гостуваше и грчкиот фотограф Харис Савидес.
На изложбата ќе биде поставен неговиот постер „Слоештица во црно и бело“.
– Слоештица не е некое митско царство, тоа е мало планинско село што раскажува приказна за едно минато време. Ова место открива реалност потопена во минатото и надреален црно-бел поглед во иднината засенета од распаѓањето. Она што ме направи толку среќен беше мојата способност да се потопам во ова минато, како да влегувам во сцени од италијански неореалистичен филм. Улиците и пејзажите на селото резонираа со потресна автентичност, доловувајќи ја суровата, нефилтрирана суштина на животот, онаков каков што бил некогаш. Оваа длабока врска со историјата на Слоештица, сепак, со себе носи и длабока тага. Се плашам дека би можел да бидам меѓу последните што ќе сведочат и ќе го ценат овој идеалистички спој на реализам и самракот на една ера. Навлегувањето на времето и модерното се заканува да го засени овој уникатен начин на живот, оставајќи само ехо за идните генерации – вели грчкиот фотограф Харис Савидес. В.Д.