Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Нестабилната безбедносна состојба во источниот дел на Демократска Република Конго претставува најголема пречка во борбата против епидемијата на ебола, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Според него, само во текот на изминатиот месец околу 100.000 луѓе биле дополнително раселени поради вооружените судири, што значително го отежнува справувањето со ширењето на заразата, пренесе „Франце 24“.

Тедрос престојуваше во градот Бунија, во покраината Итури, која е меѓу најпогодените региони од актуелната епидемија. Тој повторно повика на прекин на огнот и побара поголема финансиска поддршка од меѓународната заедница за обезбедување неопходна опрема и помош за здравствените работници.

Светската здравствена организација, во соработка со партнери и институции, работи на забрзување на клиничките испитувања за можни третмани, но засега нема одобрена вакцина или терапија за сојот Бундибугио на ебола, кој моментално циркулира во регионот.

Здравствените власти во моментов се обидуваат да го прекинат ширењето на вирусот преку изолирање и лекување на заразените лица под строги безбедносни мерки, како и следење и изолација на нивните контакти во период од три недели.

Дополнителен проблем претставуваат и густо населените рударски заедници во покраината Итури, каде што ризикот од ширење на заразата е значително поголем.