Отворена историско-документарната изложба „Дипломати на Руската Империја на подрачјето на денешна Србија и Македонија“

Историско-документарната изложба „Дипломати на Руската Империја на подрачјето на денешна Србија и Македонија“ беше свечено отворена завчера, во Музејот на градот Скопје, во присуство на голем број гости од дипломатскиот кор, политичките партии, црквата, бизнис-заедницата, научните и културните кругови. Изложбата организирана во рамките на одбележувањето на Денот на руската дипломатија, кој традиционално се слави на 10 февруари, ја подготви Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, заедно со Рускиот научен институт и Руската куќа во Белград. Поставката, составена од архивски фотографии и документи, е посветена на работата на конзулите на Руската Империја во Македонија и во Србија на почетокот на дваесеттиот век.
– Тешко е да се прецени важноста од спроведување проекти како денешниот за зачувување повеќеслојни врски меѓу нашите братски народи. Покрај непријателските дејства преземени против нашата земја, ги чувствуваме пријателското расположение и симпатиите кон Русија на огромното мнозинство македонски граѓани и искрено сме им благодарни на сите за ваквиот однос. Во принцип, го чувствуваме, и покрај геополитичките турбуленции и обидите да се откаже сè што е руско, и се разбира го поздравуваме интересот на претставници на креативни и академски кругови на двете земји за зајакнување на интеракцијата, спроведување заемно корисни иницијативи. За ова зборував пред два месецa во Москва, на отворањето на изложбата „Етнографија на Вардарска Македонија и Печер. Акварели и фотографии на Марија Малахова“ – заеднички проект на Куќата на Русите во странство именувана по Александар Солженицин и Музејот на градот Скопје, која се одржа со голем успех – истакна Баздникин во обраќањето пред присутните.


Со една универзална порака, која важи и за нас Македонците, рускиот амбасадор ги посочи љубовта кон татковината, лојалноста кон должноста и несебичното служење како карактеристики на денешните руските дипломати.
– Деновиве руски дипломати низ светот не само што го слават својот професионален празник туку, што е најважно, им оддаваат почит на споменот на генерациите на нашите претходници, кои со векови чесно и несебично ја исполнувале својата службена – а често и морална – должност. Токму такво однесување ги издвојува денешните руски дипломати, за кои поимите на љубов кон татковината, лојалност кон должноста и несебично служење се апсорбираат со мајчиното млеко и се дел од генетскиот код – нагласи Баздникин, додавајќи дека од 1860 до 1915 година во Скопје и во Битола служеле 16 руски конзули и вицеконзули, при што портрети на дел од нив се изложени на изложбата.
Документите претставени во превод на македонски јазик на изложбата, според Баздникин, сведочат за длабоките врски на Русија со словенските народи на Балканот и за придонесот на руските дипломати во нивното ослободување во 19 и на почетокот на 20 век. Од признавањето на независноста на Македонија од страна на Русија, беше развивана успешна соработка помеѓу двете држави, заснована на градење билатерални односи и нивно проширување на нови области.
При одбележувањето на Денот на руската дипломатија беше предвидено и оддавање почит на рускиот конзул Александар Ростоковски, пред споменикот „Руски крст“ поставен во негова чест во Битола. Ростоковски беше убиен во Битола во август 1903 година. Изложбата „Дипломати на Руската Империја на подрачјето на денешна Србија и Македонија“ ќе биде отворена во Музејот на градот Скопје до 14 февруари.
За обележување е дека историските факти сведочат дека, за жал, токму во периодот на империјална Русија, руската дипломатија во рамките на нејзината дипломатска активност, како и надворешната политика на Царска Русија, беше спротивна од интересите на македонскиот народ чиј политички, социјален и национално-ослободителен стремеж беше формирање еден посебен државноправен ентитет на Балканот. Руските империјални политики и дипломатија имаа преференцијален однос токму кон некои од соседните народи на Македонците на Балканот, што имаа и свои држави. Тоа практично значеше дека во тој историски период, на некои од соседните народи, руските империјални политики дадоа можност над македонскиот народ да бидат практикувани хегемонистички тенденции, чии рецидиви силно се чувствуваат и денес. К.Р.