Многу обожаватели беа воодушевени од веста дека четвртата сезона на популарната серија „Емили во Париз“ на „Нетфликс“ е во продукција, но не и жителите на Париз. Гневното месно население пишуваше графити низ целиот град, односно на местата на кои вообичаено се снима серијата. Обожаватели од разни делови на светот одат во Париз и се фотографираат пред местата од серијата. Тие посетуваат продавница за чевли што се наоѓа на истиот плоштад како и станот на Емили (Лили Колинс) во серијата и позираат пред ресторанот во кој работи Габриел (Лукас Браво). Но, на едно кафуле на истата улица со големи букви е напишано „Емили не е добредојдена“, во знак на протест против обожавателите на серијата. Парижаните повеќе не го поднесуваат напливот на обожаватели и го нарекуваат „инвазија на морони“, пишува „Дејли мејл“.
Графити има насекаде, дури и на блиската фонтана. Неодамнешниот напис во францускиот дневен весник „Монд“ беше насловен „Тие мислат дека го поседуваат соседството. Емили во Париз – инвазивен сосед“. Жителите на Париз веруваат дека туристите имаат нереални и романтични очекувања од Франција поради серијата. Во серијата на „Нетфликс“, главниот лик (Емили) оди во Париз, се дружи со локалното население, заведува некои од нив, живее луксузен живот и воопшто не зборува француски.