На албумот се наоѓаат огнениот квартет за пијано на Брамс бр. 3 во Це-мол, фантастичниот нов аранжман на прекрасното „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет во три става на Панде Шахов

Британската етикета „Лин рекордс“ го објави најновиот албум на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, насловен „Пријателство“, кој веќе е достапен на дигиталните мрежи за преземање. На него, како што подвлекува издавачот, се наоѓаат огнениот квартет за пијано на Брамс бр. 3 во Це-мол, фантастичниот нов аранжман на прекрасното „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет во три става на Панде Шахов.
– Многу сум горд на овој албум, бидејќи има еден посебен момент околу него, а тоа е што тој е реализиран во тежок и предизвикувачки период како за нас и за човештвото, така и за моите колеги со кои го снимавме. Ова е мој прв албум посветен на камерната музика и втор албум реализиран во времето на ковид. Мислам дека донекаде и самата музика во тој модерен и испреплетен јазик на квинтетот на Панде Шахов опишува токму едно такво време, особено со вториот став „Монистра“. Преку играта во првиот став и „Потокот“, третиот став, делото дава надеж – тоа што особено во тој период му недостигаше на човештвото. Сметам дека неговиот уникатен и модерен музички јазик одлично ни доловува единствен современ класичен композитор каков што е Шахов, настрана сѐ што направи со „Македонисимо“ и со другите свои дела. На неговиот концерт одлично се надоврзува делото, секстет на францускиот композитор Гијом Конесон. Тој на нашиот перкусионист Влатко Нушев му даде специјална дозвола да направи аранжман соодветен за нашиот квинтет „Македонисимо“, на кој му се приклучи и феноменалниот виолист Сорин Спасинович од Романија, кој, пак, по потекло е од Тетово. Аранжманот на Нушев пријатно го изненади и самиот Конесон, претставник на младата генерација современи француски класични композитори, чие многу ефектно дело одлично го прифати публиката кога го свиревме во Лондон или во Словенија, а допрва ќе го свириме и на други места – вели Трпчески.

Главниот стожер на овој албум е третиот квартет на Јоханес Брамс, кој изобилува со исклучителна драма и интензитет на емоции и содржи еден од најубавите ставови што Брамс воопшто ги има напишано, третиот, еден израз на чиста љубов со прекрасната тема на виолончелото.
– Тука се и драматичната игра на шегобијното скерцо и четвртиот став што дозата на немир ја приспособува и насочува кон позитивен финиш како зрак надеж. Затоа и сметам дека сиот овој напор што го направивме ние музичарите и, еве, со поддршка на „Лин рекордс“, што го реализира овој албум во онлајн верзија, вредеше – додаде тој.
Насловната страница е уметничкото дело на Славчо Спировски. Нашиот пијанист во моментов е во САД, каде што го очекува серија на концерти, која ќе почне во Денвер, а исполнетиот распоред до крајот на мај го води и во Сараево, Целје, Билбао и Женева. В.Д.