Фото: инстаграм

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е уверен во способноста на неговата земја да ја одбие руската инвазија и додаде дека Украина се подготвува за контраофанзива.

Во интервју за „Ал Арабија“ украинскиот претседател призна дека ситуацијата е „предизвикувачка“, но дека неговата земја се зајакнува за борбата.

-Не можам да ја опишам ситуацијата како добра, но ние се бориме. Посилни сме од пред една година – рече Зеленски.

Украинскиот претседател ја минимизираше важноста на објавените американски документи поврзани со контраофанзивата, а истовремено изрази уверување во нејзиниот успех, иако не наведе никакви детали.

Зеленски зборуваше и за ситуацијата во градот Бахмут, каде што украинската армија води жестоки битки против руската паравоена формација Вагнер.

И покрај тоа што некои аналитичари велат дека градот има мала стратешка вредност, Зеленски остана на ставот дека Украина нема да се откаже од градот во источна Украина и ги повика аналитичарите „да го посетат градот за да разберат што може да се случи и кои се заканите“.

-Невозможно е да се откажеме од Бахмут, бидејќи тоа ќе помогне да се прошири борбениот фронт и да им се даде шанса на руските сили и на Вагнер да окупираат повеќе од нашата земја – рече Зеленски, додавајќи дека ако Русија го преземе Бахмут, тоа може да послужи како отскочна даска за напредување кон два поголеми града во регионот на Доњецк – Краматорск и Славјанск.