Започна новото издание на дискурзивно-едукативната програма за млади уметници „Совршениот уметник“, која се одржува во рамките на одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник и 75-годишнината од формирањето на Националната галерија на Македонија, како и за објавувањето на повикот за наградата, која од оваа година ќе се случува на годишно ниво. Во рамките на петдневната програма „Совршениот уметник“ учествуваат повеќе млади уметници, а туторијали имаат културните работници Ивана Васева, Оливер Мусовиќ, Верица Ковачевска, Виолета Качакова, Филип Јовановски и Амра Исмани.
Дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“ е практичен и теориски курс наменет првенствено за млади уметници, кој е организиран од кураторката Ивана Васева од здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), во рамките на наградата „Денес“. Идејата на оваа програма е да го прошири опсегот на интересите на уметниците, да создаде простор за критичка анализа и преиспитување на уметничката продукција во рамките на севкупниот општествен и политички контекст, како и да понуди практични алатки за негување на нивната уметничка практика.
– Неолибералната реалност ја избрка еднаквата распределба од уметноста и ја продлабочи несигурноста. Така, недостигот од работнички права на културните работници, како и можностите за работа во областа на уметноста и следењето стандарди, недостигот од средства што би поттикнале развој на уметничките можности и аспирации, но и ретроградниот образовен систем, се причините за создавање на оваа програма. „Совршениот уметник“ во широка смисла се фокусира на критичка анализа на целокупниот контекст и неговите импликации во уметноста и културата, дијалог, размена на искуства и дебата, и преку практиката и теоријата во насока на воспоставување општествена интеграција на младите уметници и нивно уметничко, политичко и општествено образование – велат организаторите.
Програмата „Совршениот уметник“ вклучува голем број локални, регионални и меѓународни гости, таа првенствено се фокусира на млади уметници, но може да се приклучат и сите заинтересирани. Учеството во програмата е бесплатно.
Дискурзивно-едукативната програма за првпат се одржа во 2017 година и е организирана во рамките на наградата за млади визуелни уметници до 35 години. Наградата е основана во 2002 година, а за првпат доделена во 2003 година. Таа е дел од меѓународната мрежа „Награди за млади визуелни уметници во Централна и Југоисточна Европа“ и се доделуваше како двомесечен престој во Њујорк, а од 2023 година вклучува нејзино годишно одржување и други новини и резиденции, покрај резиденцијата во Њујорк.