На 6 јуни, во рамките на 13. фестивал на класична гитара „Тремоло“, концерт ќе одржи Милош Вуковиќ од Србија, во Музејот на македонската револуционерна борба, од 19.30 часот.
Милош Вуковиќ (Смедеревска Паланка, 1996 г.) го завршил средното музичко училиште „Д-р Воислав Вучковиќ“ во Белград, во класата на проф. Милкица Поњавиќ, како студент на генерацијата, а дипломирал на Факултетот за уметности во Ниш, во класата на професор м-р Весна Петковиќ. За време на школувањето учел од еминентни домашни и странски гитаристи, меѓу кои Никита Кошкин (Русија), Хоакин Клерч (Куба), Едуардо Фернандез (Уругвај), Анабел Монтесинос (Шпанија), Александар Свете (Австрија), Џудикаел Перој, Џереми Жуве (Франција), Ренато Самуели (Италија), Кујхи Парк (Кореја), Алексис Музуракис (Грција), Беке Иштван Ференц (Романија), Атанас Оркузунов (Бугарија), Горан Кривокапиќ (Црна Гора), Пиа Оферман (Германија), Сабрина Влашкалиќ (Србија) и други. Во првата година од студирањето му е доделена Годишната награда на Факултетот за уметности во Ниш за исклучителни резултати во сценската уметност.
Неговиот репертоар опфаќа голем број дела, од ренесансата до музиката напишана во 20 век, а покрај концертните активности се занимава и со истражувачка работа. Настапувал како солист со диригентот Петрос Стилијану (Кипар) и во музејот „Бенаки“ во Атина. Покрај солистичките концерти, редовно настапува како член на камерните состави: „Трио де Жанеиро и гитарскиот квартет „4Џис“, со кои има остварено голем број настапи во Србија и во странство. Посебно за одбележување е целовечерниот концерт одржан во центарот за култура на Војводина „Милош Црњански“ во Нови Сад. На минатогодишниот натпревар „Д-р Јован Јовичиќ“ што се одржа во рамките на „Војводина гитар фест“ во Нови Сад ја освои првата награда, што му овозможи да стане уметник на „Еуростринг“ за 2022 година.