Близу сто филма на годинашниот „Флипбук филм-фестивал“
Околу сто филма ќе бидат на програмата на петтото издание на „Флипбук филм-фестивал“, кој ќе се одржува од 8 до 11 август во Кинотеката на Македонија. Филмовите се поделени во неколку категории: главна, студентска, селекција на анимиран документарец, на анимирани музички видеа и европската панорама. Проекциите за главната програма почнуваат од 20 часот на отворено, а европската панорама, од 9 до 11 август, од 18 до 19.30 часот во киносалата.
– Во главната селекција ќе бидат прикажани наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу другите и филмот „27“ на Унгарката Флора Ана Буда, победник на минатогодишниот Кански филмски фестивал, „Санденс“, „Анеси“, „Клермон Феран“ и на Европските филмски награди, понатаму рускиот „Хармс“ инспириран од творештвото на познатиот писател, хрватските „Фустан за финале“ и „Жарко, ќе го расипеш детето“ и филмови од португалска, германска, британска, данска продукција. Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, британскиот „Банухуд“, селектиран на годинешниот Кански фестивал, „Уште еден ден во Лисабон“, во кој како еден од режисерите се јавува македонскиот автор Диме Ѓорѓиевски, наградуваниот полски филм „Последниот човек на земјата“ – најавуваат организаторите.
Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои и годинашниот победник на „Анимафест Загреб“ и „Анеси“, „Перцебес“, на португалските авторки Александра Рамирез и Лаура Гончалвес, германскиот „Чекање“, прикажан на „Берлинале“. Во селекцијата на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно петнаесет наслови, меѓу другите и „Онти“ на наградуваниот српски автор Милош Томиќ.
Во рамките на фестивалот ќе бидат реализирани и неколку работилници за производство на анимиран филм и флипбук, а ќе бидат промовирани и книгите „Предавања за филмскиот модернизам“ на историчарот на филм и професор на загрепскиот универзитет Никица Гилиќ, кој ќе биде дел од жирито, книгата „Михаел Дудок де Вит: Живот во анимација“, издание на „ЦРЦЦ фокус“ од авторката Андријана Ружиќ, теоретичарка и историчарка на анимиран филм, дел од годинешното жири, двојазичниот роман „Евацид“, придружен со изложба, на нашиот писател и визуелен уметник Никола Радуловиќ, минатогодишниот добитник на наградата за најдобар анимиран спот и годинашен член на жири, како и книгата со карикатури на доајенот на македонската карикатура и анимација Тоде Ристо Блажевски, исто така придружена со изложба.
– Во жирито годинава членови ќе бидат и селекторката и кураторка на ВР-програмата на фестивалот Анеси во Франција, Гала Фрекон, филмскиот критичар Влатко Галевски и режисерката Ана Опачиќ. Годинешното издание на „Флипбук филм-фестивал“ е поддржано од организацијата „Екосвест“, која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема, Кинотеката и Агенцијата за филм на Македонија – велат од „Флипбук филм-фестивал“. В.Д.