Шеесет години од нобелот за Иво Андриќ

Како и секоја година, и во 1960 година светските медиуми шпекулирале кој би можел да биде новиот добитник на Нобеловата награда за литература. Се спомнувало и името на Иво Андриќ, меѓутоа тогаш не ја добил. Пред одлуката на комисијата за таа 1961 година, Андриќ, според светските медиуми, повторно бил меѓу главните кандидати. Српски „Блиц“ во продолженија објавува текстови по овој повод, а во последното пишува дека тоа не го вознемирило самиот писател во неговиот омилен дневен ритуал – прошетката од станот во кој живеел до Калемегдан.
– По прекрасниот сончев есенски ден, познатиот писател полека се враќаше дома. Немаше поим дека само половина час порано јавноста ја дозна веста од Стокхолм: Шведската кралска академија реши таа година да му ја додели Нобеловата награда за литература на југословенскиот писател Иво Андриќ. Тоа беше сигнал за новинарите, фоторепортерите и снимателите да се соберат во станот на Андриќ. Писателот бил практично информиран за наградата од двајца новинари што го чекале пред зградата – пишува весникот.
Андриќ подоцна ја раскажал оваа ситуација: „Кога се враќав од секојдневната прошетка, ме чекаше големо неочекувано изненадување – ме пресретнаа двајца млади новинари и ми честитаа. Не можев да поверувам. Ми рекоа: Само оди горе. Станот е преполн е со новинари“.
– Во станот настана вистински метеж, најмалку триесетина претставници на медиумите дојдоа да ја забележат првата реакција на писателот на романот „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“, „Госпоѓица“… Андриќ најпрвин ги поздрави сите гости, многу трпеливо, доби честитки, се заблагодари, позираше за фоторепортерите… Тогаш на вратата од станот се појави непознат маж, со букет цвеќе во рацете. Тој се претстави. Рене Болдинг, вршител на должност во Шведската амбасада во Белград, во отсуство на шведскиот амбасадор дојде лично да му ја пренесе веста на Андриќ и да му честита – пишува „Блиц“.

Болдинг тогаш изјавил дека има посебна чест да објави, по налог на Шведската академија на науките, дека му е доделена Нобеловата награда за литература, како признание за епската моќ со која ги претставил судбините и историјата на неговиот народ. Андриќ се заблагодарил со одбрани зборови и возбуда во гласот: „Изненаден сум. Но и многу среќен. Господине Болдинг, доделувањето на Нобеловата награда за мојата литературна работа го сметам за исклучително признание за целата литература на мојата земја. Ве молам пренесете ја мојата благодарност до сите членови на Шведската академија“.
Самата церемонија на доделување на Нобеловата награда традиционално се организира на 10 декември во Концертната сала во Стокхолм, на датумот на смртта на Алфред Нобел.
– Наградите беа доделени во Стокхолм од страна на шведскиот крал Густав Шести. Доделувањето на наградата започна во 16.30 часот, со влегувањето на шведскиот крал во салата. Беа доделени награди за хемија, физика, медицина и литература. Обраќајќи му се на Андриќ, секретарот на Шведската академија на науките, Андер Естерлинг, исто така рече: „За Шведската академија беше големо задоволство да му ја додели наградата на претставник од една јазична област што досега не била застапена меѓу победниците. Со најдобри желби за вас, ве замолуваме да го примите одликувањето од неговото кралско височество“. Иво Андриќ во име на победниците се заблагодари за свечената вечера организирана по церемонијата во зградата на градската општина – пишува „Блиц“.
Во своето излагање Андриќ рекол: „Секој ја раскажува својата приказна според својата внатрешна потреба, според наследените или стекнати склоности и сфаќања и силата на изразните способности. Секој презема морална одговорност за она што го кажува и секој треба слободно да го кажува. Но мислам дека, на крајот, дозволено е да се посака приказната што им ја раскажува денешниот наратор на луѓето од неговото време, без разлика на нејзината форма и тема, да не биде ниту отруена од омраза, ниту придушена од грмењето на убиствените оружја, туку колку што е можно повеќе да биде водена од љубовта и ширината и спокојството на слободниот човечки дух“.

Андриќ престојувал две недели во Шведска, бил гостин кај шведскиот крал на вечера, посетувал универзитети, разговарал со студенти, а во Белград се вратил дури на 3 јануари 1962 година. На железничката станица, тој накратко им рекол на новинарите: „Беше убаво и имаше убави и значајни состаноци и разговори. Но едвај чекав да се вратам во мојата земја и мојот дом…“
Андриќ е писател што е интересен не само поради неговите дела туку и поради неговата богата животна биографија. Тој беше веројатно единствениот човек на светот што лично познаваше двајца луѓе што, секој на свој начин, доведоа до две големи светски војни – Гаврило Принцип и Адолф Хитлер. Целиот негов живот бил проткаен со нагласеното чувство и идеја за југословенството, така што денес Андриќ не е некој чии дела и цитати со задоволство се повикуваат во независните држави што се појавија по распадот на Југославија. Напротив, во некои од нив е многу непожелен.