фотографии: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски очекува добра соработка со претседателот на државата Стево Пендаровски, а најави и конструктивна соработка со сите чинители во општеството како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата.

По денешната средба со претседателот на државата, Ковачевски во изјава за медиумите порача дека целта на новата Влада е да одговори соодветно на енергетската криза и да обезбеди услови за подобар живот на граѓаните.

„За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлуки ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот што заеднички ќе се стреми низ независни институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните“, рече Ковачевски.