На 18 јануари во Охрид, спроти празникот Водици, ќе се одржи интернационална онлајн конференција на темата „Цивилизација на љубовта и носталгија за соединување“, како дел од „Охридската школа за хуманизам – од средниот век до денес во Европа и светот“, организирана од Светската академија на хуманизмот. Исто така ќе има и церемонија на прогласување на професорот Далимир Хајко (Словачка) за добитник на Светската награда за хуманизам за 2022 година.
Собирот ќе започне со специјалниот музички перформанс „Химна на Свети Климент Охридски“, во изведба на профeсорите од меѓународниот универзитет „Европа Прима“, Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски, во слава на Охрид – градот на УНЕСКО, познат како Словенски Ерусалим или Балканска Венеција. Темата на конференцијата произлегува од примарната мисија на Охридската академија на хуманизмот да ја продолжи визијата на Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој во исто време беше и првата школа на хуманизмот, основана во 9 век. Тие беа ученици на светите браќа, апостолите Св. Кирил и Св. Методиј, кои во 1980 година папата Јован Павле Втори ги прогласи за патрони на Европа, за нивното духовно убедување, како цивилизација на љубовта и носталгија за соединување.

На почетокот на конференцијата, свои обраќања ќе имаат амбасадорот Јордан Плевнеш и словачкиот амбасадор во Македонија, Хенрик Маркус, додека традиционалната награда – статуетка на Св. Климент во резба, ќе ја врачи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. За наградата, говор со наслов „Парадоксите на хуманизмот“ ќе одржи професор Далимир Хајко.
– Хуманизмот е парадокс во самата своја суштина. Во име на хуманизмот, насилно се менуваат цивилизациските предлошки на земјите; во име на хуманизмот се напаѓаат религиите – бидејќи не им одговараат на идеите на напаѓачот. Но, истовремено, тој го враќа човекот кон себеси. Тој е апстрактна филозофска проекција, тој е антрополошка константна. Хуманизмот е толку едноставен колку што е и мистериозен. Нема ништо поедноставно од „љубовта кон човештвото“ и ништо посложено од љубовта кон одреден човек – дел од ова човештво – често изгубена, предадена и напуштена од сите – пишува Хајко во посланието што го испрати.
Меѓу годинешните учесници, познати имиња од светот на културата, литературата, политиката, хуманизмот, се и Жан-Патрик Конерад, професор по физика на „Империјал колеџот“ во Лондон, кој е и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста (ЕАСАЛ), добитник на Светската награда за хуманизам 2018 година, потоа академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година, Рикардо Брици, професор на Универзитетот во Болоња, Мартина Павликова, проректорка на универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка, проф. Роман Кралик од Универзитетот за пријателство со народите во Русија од Москва, Теруко Јамазаки, поет и новинар од Токио.

Наградата на Светската академија на хуманизмот се доделува по 16-ти пат, колку што години трае манифестацијата. Лани, на 15-годишнината, беше одлучено, а годинава ќе се изврши промоција на спомен-обележјето, кое на летен Св. Климент, ќе биде поставено кај месноста Долна Порта – влезот во старото градско јадро. Идејата и нацртот се на еден од досегашните добитници на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев од Бугарија, додека делото, изработено од прилепски мермер, е уметнички обликувано од Жарко Башевски.

Веле Митаноски