Вечерва, во 20 часот, во галеријата на МКЦ ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Кобалт синергија“. На изложбата ќе бидат изложени 25 ликовни дела од ликовниот уметник Венко Цветков, ќе има проекција на видеоролна и две видеоарт-остварувања на учесникот во проектот Симон Гегај. Во содржината на видеоролните се и концепциските опсервации, во вид на записи на третиот учесник во проектот, г-ѓа Корнелија Буклеска.
За изложените ликовни дела критички осврт ќе има Владимир Величковски. За концептот на проектот „Кобалт синергија“, новинарката и главна уредничка на редакцијата за култура и уметност при Радио Скопје вели: „Ова е приказна за кобалтот (како елемент и како боја), како и она за синергијата, па така, и оваа нивна заедничка, е вечната вистина за животот, кој не опстојува во праволиниско течение.“
Корнелија Буклеска, родена 1961 година во Скопје, дипломирала на Катедрата за интердисциплинарни студии по журналистика при УКИМ. Уредничка е во Редакцијата за култура и уметност на Радио Скопје.
Венко Цветков, роден 1955 година во Штип, завршил Академија за ликовни уметности во Љубљана во 1984 година. Живее и работи во Скопје.
Симон Гегај, роден во 2005 година во Скопје, е ученик во четврта година во државното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот мултимедиа.