Самостојна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ одржа ликовната уметница Нада Ѕмбова Донева во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани. Изложбата е дел од годишната на програма на НУЦК „Бели мугри“, финансирана од Министерството за култура. Делата се настанати во периодот од 2020 до 2022 година.

Нада Ѕмбова Донева првата самостојна ликовна изложба ја имаше во 2019 година, во салонот на НСЦУ „Бели мугри“ во Кочани, а учествува и во неколку групни изложби во Кочани, Штип и Виница.
– Делата за својата втора самостојна изложба „Вера, Надеж, Љубов“ ги создава во многу турбулентен период на глобален психолошки притисок, период на пандемија што ги затресе темелите на дотогашниот начин на живеење и поттикна промени во сите сфери, кога неминовно се менуваат и уметничките принципи. Авторката прави обид преку насликаните форми, низ кои продира светлината, да нѐ воведе во една нова специфична урбана свест, која буди надеж кон подобро утре. Нејзините слики сочинуваат комбинација од емоционален интензитет преку модерен сензибилитет до степен на визуелни елементи што ја напуштаат конкретната форма – истакнува рецензентката Илинка Атанасова.