Фото: МКЦ

Под водство на маестро Сашо Татарчевски, Женскиот младински хор при МКЦ во јуни учестваше на два реномирани меѓународни фестивали.

На веќе традиционалниот „Vox Lychnidos“ фестивал во Охрид, во безвременската катедрална црква „Света Софија“ хорот настапи на 20 јуни со интересна програма составена од квалитетни хорски аранжмани на џез и популарна музика. На фестивалот учествуваа уште два македонски хора, како и 4 хорови од Србија и Словенија.

Веќе од 25 до 28 јуни, по специјална покана на домаќините, хор учествуваше и на меѓународниот фестивал „Let it be summer“ во Бургас, Бугарија. На овој голем настан ЖМХ се претстави со 3 различни програми на три концертни настапи.

Фото: МКЦ

-Од македонските автори застапени беа Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, а беа изведени и композиции од Хоги Кармајкл, Оливер Худ, Харолд Арлен, АББА, Џони Мерсер, Ричард Роџерс и други. Освен самостојните настапи, девојките од хорот учествуваа и во атеље на кое се работеа две нови композиции заедно со сите останати учесници. Својата премиерна изведба тие композиции ја имаа на гала концертот организиран на крајот од фестивалот. Настапите на Женскиот младински хор при МКЦ се одвиваа во големиот летен театар во морската градина на Бургас, како и во новиот културен центар на градот. Како и секогаш, реакциите и коментарите на публиката и другите учесници на настаните каде што Женскиот младински хор при МКЦ учествува се во суперлативи.

Овој интензивен период нашиот хор ќе го заврши на 4 јули, со настап во рамки на фестивалот „Драган Шуплевски“ кој оваа година се одржува во музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје – информираат од МКЦ.