Изложбата „Импровизации“ на Глигор Кондовски ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, во КСП „Центар Јадро“. На отворањето ќе настапи џез-триото во состав: Глигор Кондовски (виолина), Владан Дробицки (тромбон), Дени Омерагиќ (контрабас). Изложбата ќе ја отвори Мирко Попов.
– Во овој фотографски момент, Глигор ја поставува фотографијата на ниво на класичната визуелна техника. Медиумот е граница, но ликовниот израз е високата визуелна точка на вкрстување на сите технички патувања. Слободниот дух и слободната рака во овој случај го одвеле уметникот на најнеочекуваните фотографски надминувања, додека слободата како апсолут во сите сфери од животот ја носи и како ангажирана идеја овој современ уметник – вели Билјана Билбилоска, ликовна уметница.
Глигор Кондовски (1980 г.) дипломира на Факултетот за музичка уметност, на вокално-инструменталниот оддел, отсек виолина. Дипломира на вториот Факултет за драмски уметности при Тетовскиот универзитет, филмска и ТВ-режија. Магистрира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, филмско и ТВ-сценарио.