Хуманитарниот настан „МКЦ е солидарност!“ ќе се одржи денеска, со почеток во 19 часот. За време на настанот е предвиден настап на неколку музички групи. Покрај музичкиот дел, ќе има и аукција на ликовни дела од наши уметници, како и изведба на театарската претстава „Шопинг енд факинг“, во продукција на Турскиот театар од Скопје.
– Со оглед на последните случувања во врска со катастрофалниот земјотрес што ги погоди централниот дел на Турција и Сирија, Младинскиот културен центар како институција основана во постземјотресно Скопје, како проект на светската солидарност, чувствува должност и потреба да се вклучи во хуманитарните настани што се случуваат во овие тешки денови и да даде свој придонес за помош на погодените семејства – велат од МКЦ.
Влезниците за театарската претстава и музичката програма се наплаќаат посебно, по симболична цена од 150 денари, со можност публиката да откупи и повеќе билети. Собраните средства од аукцијата на ликовните дела исто така ќе бидат дел од сумата за донација. Хуманитарната помош ќе се исплати во целост и донира на сметките отворени за оваа намена преку Црвениот крст, додека средствата од делата продадени на аукцијата ќе бидат донирани во поставените кутии од Црвениот крст на Град Скопје.
Во џебното кино е закажана бесплатна проекција на серијалот „Турски чај“, во режија на Петра Селишкар.