Промоција на „Автопортрет со седум прсти“
За првпат, осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), голем дел од неговите прозни записи е објавен во книга. Од денеска таа е достапна во книжарниците.
На речиси шестотини страници се провлекуваат неговите размисли за поезијата, литературата, уметноста, културата, општеството и историјата, забележани во македонски, југословенски и странски весници и списанија, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.
Тоа е времето во кое, „по ужасите што ги запиша врагот во својот дневник“, генерацијaта на Ацо Шопов, во чии први редови тој чекореше за време на целиот свој творечки и општествен живот, стапуваше „на прагот на вистинската историја“ и, заедно со ќерките и синовите, трпеливо ја градеше оваа земја, „изрована од несон и себенаоѓање“, пред внуците да свртат нова страница во нејзината историја, за денес правнуците да живеат во еден сосема нов општествен поредок, кој, и покрај радикалните разлики, се темели на оној што го откриваме во автопортретот на нашиот поет.
А неговиот автопортрет во издание на „Антолог“ е во најмала рака изненадувачки, затоа што колку што широката публика го познава суптилниот лиричар, толку е слабо упатена во другите книжевни и општествени дејности на Шопов, кој во оваа книга се покажува како исклучителен есеист и беседник со изострен слух за литературата, ликовната уметност и филмот, како сериозен толкувач и критичар на општествените текови и драми, како строг полемичар, како ангажиран издавач и интелектуален работник.
Промоцијата на книгата „Автопортрет со седум прсти“ е закажана за утре, од 19 часот, во „Лабораториум“ (бул. Климент Охридски бр. 68, Скопје), каде што ќе се одбележи објавувањето на ова дело од исклучително значење за културната меморија на нашата земја.
Книгата ќе ја претстават проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и првенецот на МНТ Никола Ристановски. Ќе им се придружи и Јасмина Шопова, приредувачка на книгата и потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, која ја организира промоцијата во соработка со „Антолог“ и со „Лабораториум“. Насловната корица на книгата е авторство на Марко Трпески, а графичкото уредување на Бобан Здравковски Андреевски.
Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, фестивалот на анимирани филмови „Флипбук“ и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“. С.Ј.