Проектот „Гумено време“ на Ана Ивановска е поставен во центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
„Гумено време“ претставува одраз на едно истражување прикажано низ серија дела на темата глобална пандемија и реакција на моменталните тенденции и случувања во светот со војната, кои несомнено оставаат трага врз секојдневието на луѓето. Во ова денешно време деновите се растегливи како гума.
Делата овозможуваат блиска интеракција со набљудувачот, непосредно влијание врз неговите чувства преку визуелното восприемање, каде што фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата.
– Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите што содржат повторувачки елементи на маски и ракавици што формираат вистинска решетка, зад која се наоѓа уста што останува „Без здив“. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности. Тоа се дела настанати преку истражување, експериментирање и комбинација на фотографија (фотомонтажа) и други материјали – пишува во описот на проектот.
Низ проектот „Гумено време“, сепак, провејува нишка на надеж, нè повикува да го развиеме нашето чувство на задоволство и исполнетост низ пронаоѓање сопствен внатрешен мир преку љубов, поврзаност и заедништво. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите што забораваме да ги забележуваме и создавање една нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.
Ана Ивановска (Скопје, 1982) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2006). Во 2007 год. го завршува Педагошкиот оддел, а во 2011 г. ги завршува постдипломските студии на отсекот сликарство на истиот факултет.
Од 2006 год. е членка на ДЛУМ и еден од основачите на уметничката група и простор Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (2009 – 2011) и групата „МОМИ“ (2012). Сопственичка е на ТП уметничка работилница „Креативна сложувалка“ (2014) и има статус на самостојна уметница (Министерство за култура) од 2015 година. Од 2022 год. станува членка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Реализирала повеќе самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и во странство. Добитничка е на повеќе награди.
Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж.