Гран при за „М“ на Вардан Тозија во Романија
Филмот „М“ на Вардан Тозија, во продукција на „Фокус покус филмс“, ја продолжува низата на фестивалски награди и признанија. На дванаесеттото издание на филмскиот фестивал „Дракула“ во Брашов, кој се одржа од 30 октомври до 3 ноември, „М“ ги доби главната награда, или гран при за најдобар филм, и трофејот „Дракула“. За наградите одлучува жирито во состав: Пол Арион, Валентин Гројтерт и Брандо де Сика.
Визуелниот уметник Пол Арион е најнаградуваниот романски професионалец активен во современата кинематографија, тимовите со кои има работено добиле пет „оскари“ и исто толку награди БАФТА. Валентин Гројтерт е член е на Европската филмска академија и клубот на продуценти. Брандо де Сика е режисер на голем број наградувани жанровски остварувања, со што ја продолжува семејната филмска традиција, започната од неговиот дедо, култниот италијански режисер Виторио де Сика.
– Од самиот почеток „М“ воспоставува расположение што истовремено е воодушевувачко и суптилно вознемирувачко, држејќи ја публиката да се прашува на најдобар можен начин. Креаторите на филмот демонстрираат јасна посветеност на квалитетот, доловувајќи го секој момент со прецизно внимание на деталите, што зборува за нивната вистинска љубов кон занаетот. Снимен на локација во Македонија, филмот прекрасно ги прикажува пејзажите на земјата, придонесувајќи со голема автентичност и длабочина. Накратко, „М“ се издвојува како импресивно остварување, кое не само што ги почитува жанровските конвенции туку ги издигнува со вешта режија, пресврти и визуелни елементи. Тоа е филм што зборува и за уметноста на раскажувањето и ветува возбудлива иднина за македонската кинематографија. Секако, филм што вреди да се доживее – наведуваат членовите на жирито во образложението.
Фестивалот „Дракула“, кој се наоѓа на самиот врв на листата од 50 најважни жанровски фестивали во светот, годинава на јавноста ѝ понуди издание богато со уникатни филмски искуства, премиери, панел-дискусии, концерти и изложби.