Драмскиот театар почна со проби за новата претстава „Моето име е Горан Стефановски“, чија премиера е закажана за 26 март. Претставата е во режија на Бранислав Миќуновиќ, а асистент на режија е Кристијан Атанасов. Драматург е Бранислава Илиќ, сценограф е Александар Дениќ, како костимографка се потпишува Розе Трајчевска, а авторската музика е на Влатко Стефановски.
Улогите во претставата ги толкуваат: Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов-Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ и Дамјан Цветановски.
– Горан Стефановски е македонски драмски автор, универзитетски професор и академик. Претставник е на модерната македонска драматургија и еден од најзначајните и најизведувани македонски драмски автори воопшто. Автор е на сценарија за ТВ-серии, ТВ-филмови и драми. Драмските дијалози во неговите дела и по 30 години ја отсликуваат актуелната стварност во Македонија. Во јавноста станал познат со драмата „Диво месо“, по што следуваат „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Старецот со камен околу вратот“.
Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ни ја предава историјата на македонскиот народ, со сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разидувања, стремежот за подобро утре – велат од Драмски.